Нема построги мерки за Камчев, времениот пасош уште му важи

Додека аферата за изрекетираните или понудени милиони се повеќе се заплеткува, еден од главните протагонисти, бизнисменот Орце Камчев кој се пожали дека бил рекетиран и сè уште е осомничен за перење пари и проневера на милиони, е слободен граѓанин. Македонскиот и бугарскиот пасош на Камчев се во сеф во Кривичниот суд, но тој има времен пасош со кој може да патува. По информациите дека веќе официјално не е директор на „Орка холдинг“ и дека продава дел од земјоделскиот комбинат „Пелагонија“, се погласни се шпекулациите дека Камчев не е во Македонија и дека е можно да не се врати. Првото негово патување во странство за кое дозна јавноста беше во јуни, во Келн, каде што заедно со ракометарите од скопскиот клуб „Вардар“ ја славеше шампионската титула. Така јавноста дозна дека на Камчев му бил издаден времен пасош, по барање на Специјалното јавно обвинителство.

По ова патување тој се појави како сведок во случајот „Тортура“ на Специјалното јавно обвинителство, а пред да дојде да сведочи кажа дека бил во Бугарија и затоа не ја примил поканата лично, за да сведочи на претходното рочиште. По апсењето на неформалниот сопственик на 1ТВ, Бојан Јовановски и Зоран Милески-Кичеец, кои беа приведени откако Камчев пријави во Обвинителството за гонење организиран криминал дека му барале рекет, се шпекулира дека Камчев е пак во Бугарија, а јавноста стравува дека можно е и да не се врати во Македонија. Претходно излегоа информации дека Камчев се сретнал со лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски.

Камчев доби времен пасош во мај со важност од шест месеци, што значи дека му истекува во октомври. И по отворањето на аферата за него нема построги мерки, а хипотетички вакви мерки би следувале доколку судот добие известување дека Камчев го злоупотребил пасошот или не се вратил во Македонија. Засега такви индиции за злоупотреби нема, велат извори од Судот. Сепак, пред да има какви било построги мерки, судот треба прво да побара предлог или мислење од Специјалното јавно обвинителство. Од Министерството за внатрешни работи само кратко одговараат дека тие работат по насоки на Судот и Обвинителството.

Камчев доби времен пасош со дозвола од Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, иако обвинителката од предметот „Империја“, Лиле Стефанова претходно не дала согласност за тоа. Одлуката била донесена додека Стефанова била на годишен одмор и воопшто не ја известила нејзината колешка за согласноста. Писмено изготвеното мислење го потпишала обвинителката Елизабета Јосифовска.

Камчев од првоосомничен во случајот „Империја“ стана сведок жртва во случајот „Рекет“, откако му се пожали на премиерот и пријави во Обвинителството дека Боки 13 му зел рекет, иако на снимките кои ги објави италијанскиот весник се слуша дека двајцата се договараат Боки 13 да влијае врз Јанева и за еден и пол милион да му обезбеди слобода на Камчев.

Во 2006 година, пред ВМРО-ДПМНЕ да дојде на власт, Камчев избега од земјава, а тогашната власт го бараше со потерница за затајување данок. Со промената на власта тој се врати во земјава и беше главна фигура во бизнисите што ги водеа поранешните функционери. Бизнисменот кој беше прогласен за најбогат Македонец, според „Форбс“, е назначен за почесен конзул од Бугарија, но македонското МНР никогаш не даде согласност за тоа. (Ф.Ф.С.)