Нема одлука за целодневна настава


Фото: Б. Грданоски

Комисијата за заразни болести утринава одржа состанок на кој се разгледуваше можноста за воведување на дневен престој во училиштата, но одлука сѐ уште не е донесена.

Според Комисијата, оваа одлука е комплексна и зависи од многу фактори. Од таму бараат Министерството за образование и наука да им достави бројка на деца кои би посетувале дневен престој, па потоа да се одлучи дали ќе се дозволи целодневна настава.

Сметаат дека можеби оние што се пријавиле онлајн доколку се отвори дневен престој, ќе се премислат и ќе сакаат да ги пуштат децата со физичко присуство.

– Ова прашање не е сè уште решено. Како Комисија за заразни болести мора да имаме точен број на деца кои би го користеле дневниот престој по завршување на наставата. Тие податоци треба да ни ги обезбеди Министерството за образование и наука, па дури потоа да донесеме одлука, односно да препорачаме, вели  д-р Александар Стојанов, директорот на Центарот за јавно здравје на Скопје и член на Комисијата за заразни болести.

Родителите на деца во школска возраст кои почнаа да одат на работа иницираа почеток на целодневна настава, затоа што нема кој да им ги чува децата, без разлика што тие ќе почнат да одат во училипте од 1 октомври, со оглед на тоа што ќе имаат скратени часови, а наставата ќе трае вкупно 2-4 часа.

Министерот за здравство Венко Филипче завчера изјави дека е направена анализа за бројката на деца кои би требало да останат во училиште и по завршувањето на часовите во смена.

 

– Ќе се донесе позитивна одлука исто како што се носи одлука и за исклучоците во сите други училишта, односно ако бројката на децата е толку мал да никако не ја загрозува нивната безбедност, односно да нема дополнителен епидемиолошки ризик што одредена група на деца ќе остане и после завршувањето на смената. Предност е што тоа е истата група на деца, значи не се зголемуваат контактите, тие биле во контакт претходно, сега само се зголемува времето на престојот, појасни Филипче.