Нема нови рестриктивни мерки, надлежните апелираат да се почитуваат постоечките


Фото: Б. Грданоски

Рекордни 40 починати од Ковид-19 беа регистрирани во текот на вчерашниот ден, што претставува најголема бројка од појавувањето на болеста.  Сепак, најава за нови рестрикции нема. Надлежните остануваат на истите мерки, и испраќаат апел за нивно доследно и целосно почитување.

Одлуката на Комисијата за заразни болести по вчерашниот состанок е дека не е време за воведување на нови рестриктивни мерки за заштита од вирусот Ковид-19. Остануваат во сила истите мерки – забрана за работата на угостителски објекти после 21 часот, групирање на не повеќе од четири лица во текот на 24 часа, како и максимално почитување на протоколите на сите економски оператори. Од Комисијата бараат доследно почитување на наведените мерки.

Со цел поефикасно справување со вирусот на ниво на државата, надлежните најавија дека од денеска почнува примената на брзите тестови во здравствените домови во Штип, Гостивар, Прилеп, Струмица и Кичево.

Од Министерството за здравство информираа дека лаборантите од овие установи минатата недела беа на обука во Скопје, а во текот на неделата ќе продолжат обуките на лаборанти од други градови низ државата, со цел во најкраток можен рок, брзите тестови да бидат на располагање на матичните лекари на територија на цела држава.

Брз тест може да закаже единствено матичен лекар и тоа доколку пациентот го исполнува алгоритмот, односно има симптоми на вирусот Ковид-19, не повеќе од пет дена. Алгоритмот за брзо теситарање е од Светската здравствена организација, а матичниот лекар по земената анамнеза на пациентот одлучува дали истиот ќе се тестира со ПЦР тест или антигенски – брз тест.

Изминатата недела во Здравствен дом Скопје, на шесте пункта во поликлиниките во Чаир, Ченто, Ѓорче Петров, Бит Пазар, Млин Балкан и „Јане Сандански“, направени се 1138 тестови, од кои 398 биле ковид позитивни.

Исто така, најавена е и можноста за отворање на дополнителни капацитети на сите клиники.

Како што посочи вчера министерот за здравство, Венко Филипче, освен Клиниката за инфективни болести со модуларната болница во нејзин склоп и Институтот за белодробни заболувања ТБЦ, во моментов работат и четири ковид центри на интерните клиники и тоа на клиниките за дерматовенерологија, неврологија, нефрологија и за гастроентерохепатологија.

– Засега имаме стабилни бројки и според епидемиолошката слика очекуваме во периодот кој следи да има се повеќе исписи на пациенти и да се намали приливот на нови болни. Сепак, мора да бидеме подготвени за секакво сценарио, рече министерот Филипче.

Според министерот, состојбата со Ковид-19 е сериозна, и целиот задравствен персонал вложува надчовечки напор да го одржи системот и да ги згрижи сите пациенти. Појасни дека ни претстои период во кој треба да останеме смирени и да го дадеме максимумот и како лекари и како институции, истакна министерот на состанокот.

И Светската здравствена организација предупреди дека пандемијата со коронавирусот го исцрпи здравствениот систем во Европа и во САД.

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус посочи оти е загрижен од зголемениот број на заразени со коронавирус во различни држави, особено во Европа и во САД. Вработените во здравствениот систем, според него, доаѓаат до степен на колапс.

Тој ги поздрави „охрабрувачките“ вести за вакцините против Ковид-19, но сепак оцени дека „не е време за задоволство“.

Во однос на вакцината за ковид-19, која се најавува и кај нас наредната година, Светската здравствена организација останува на ставот дека вакцината сама по себе нема да ја запре пандемијата.

– Вакцината ќе ги надополни другите алатки што ги имаме, нема да ги замени. Вакцината сама по себе нема да стави крај на пандемијата, смета директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус. Надзорот ќе мора да продолжи, луѓето ќе мора да бидат тестирани, изолирани и згрижени, контактите сепак ќе треба да се следат.

Од друга страна, пак, американската фармацевтска компанија „Модерна“ вчера објави дека ефикасноста на нејзината експериментална вакцина против коронавирусот е 94,5 проценти.

Информациите, како што посочува компанијата, се базираат на последната фаза од клиничкото тестирање.

Ова е втора американска компанија што соопшти дека развала вакцина со висока ефикасност против Ковид-19 за само седум дена. Претходно Фајзер информираше дека ефикасноста на нивната вакцина е нешто повеќе од 90 проценти.

„Модерна“ дојде до овие резултати врз основа на тестирање на 30.000 волонтери, а се чека уште американското регулаторно тело за здравство да дозволи употреба на вакцините.

Бројот на заразени во светот од почетокот на панедемијата надмина 55 милиони. Оздравеле над 38 милиони, активни во моментов се 15,5 милиони, а битката со Ковид-19 ја изгубиле 1,3 милиони луѓе.