Нема нови регистрирани во Македонија, се тестираат девет лица

Нема нови случаи на заболени од коронавирус. Во моментов на Клиниката за инфективни болести се очекува да бидат донесени четворицата пациенти од Дебар кај кои претходно беше потврдена болеста. Меѓу нив е и 15-годишно момче, и сите се со лесни симптоми на болеста, соопшти министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција во Владата.

На Клиниката и натаму остануваат на лекување осум заболени пациенти, еден од Скопје и седуммина од Дебар. Дополнително е влошена состојбата на една пациентка која е на апарат за вештачко дишење и на соодветна терапија.

Првата пациентка кај која беше потврдена болеста е целосно излекувана и в понеделник ќе биде отпуштена од болница.

Во моментов за коронавирус се тестираат седум лица, шест од Дебар и еден странец за кој тестирањето е преку Центарот за јавно здравје во Битола. Ќе бидат тестирани уште две лица кои биле во Шпанија и се пријавиле дека имаат покачена телесна температура.

Филипче кажа се чекаат резултатите од тестовите и штом бидат готови јавноста ќе биде информирана.