Нема нови мерки за заштита од Ковид – се отвораат пет ковид-амбуланти


Пет ковид амбуланти од следната недела ќе почнат да функционираат на територијата на Скопје, објави денеска портпаролот на Комисијата за заштита од заразни болести, Злате Мехмедовиќ. 

„Тие пет ковид-амбуланти ќе бидат сместени во петте поликлиники во Скопје, во поликлиниката „Идадија“, во поликлиниката „Ѓорче Петров“, во „Јане Сандански“, во Ченто и во Чаир“, рече Мехмедовиќ.

Најави дека и во другите градови ќе се направи сличен систем за да им се помогне и на пациентите во внатрешноста на земјата. Во тие амбуланти ќе се прават брзи антигенски тествои, кои ќе се земаат во тие амбуланти, а во нив ќе работат матични лекари по систем на ротација. Ќе работат во две смени од 7.30 до 19.30 часот.

Како што додаде тој, засега состојбата е стабилна и нема потреба од воведување заштитни мерки.

„Епидемиолошката состојба согласно сите параметри коишто ги имаме, а тоа се бројот на хоспитализирани, бројот на слободни болнички кревети и бројот на починати се уште не става во зелената зона. Согласно ова, нема да има превентивни мерки коишто ги препорачува Комисијата“, рече Мехмедовиќ.

Има само девет пациенти на респираторна поддршка, што значи болничкиот систем не е оптоварен.