Нема кратење на работничките права во однос на породилното отсуство, вели министерката Тренчевска
Министерката Јована Тренчевска, денеска изјави дека со новините во Законот за работни односи не се кратат досегашните права во однос на породилното отсуство, туку се дава можност и таткото да се вклучи во грижата на своето дете.
Запрашана за забуните кои настанаа во јавноста околу новиот начин на третирање на родителството во однос на породилното отсуство, Тренчевска на прес конференција во Владата појасни дека новините се прават со цел нашата легислатива да се усогласи со европската.
„Ние сме држава која што оди по патот на Европската унија и за да можеме да го приближиме нашето законодавство кон стандардите на ЕУ, мора да ги транспонираме европските директиви“, рече таа додавајќи дека најновата европска директива која што се однесува на породилното отсуство, односно на посебната заштита на жената или на усогласување на семејниот со професионалниот живот, е токму транспонирање делот од новиот закон за работни односи.
Како што посочи, забуната настанала со тоа што во социјалните медиуми била пуштена половична информација, односно само еден дел од членовите кои што се однесуваат на породилното отсуство, а не и сето она што следува понатаму и кое што е обработено во посебна глава која што се однесува за посебна заштита на работничките за време на бременост и раѓање, како и она што значи досегашното породилно отсуство.
„Со предлог законот воведуваме три нови институти, односно родителско, мајчинство и татковство“, рече Тренчевска.
Како што појасни, тоа значи дека не се крати сегашното породилно отсуство, односно периодот од девет месеци, туку напротив се дава можност и таткото да се вклучи во грижата на своето дете во првите две години од раѓањето на детето, односно се овозможува родителско отсуство од четири месеци.
„Имаме мајчинство од пет месеци, тоа е во првите пет месеци од раѓањето на детето, понатаму четири месеци родителско отсуство за мајката и четири месеци родителско отсуство за таткото.
Тоа значи дека мајката и таткото можат да ги користат заедно, наизменично, или еден по друг, зависи од договорот помеѓу двајцата родители“. Така можат да го користат овој временски период на отсуство заради раѓање на дете“, рече Тренчевска.
Дополнително, предвидени се и 15 дена татковство од првиот ден на раѓање на детето доколку се роди едно, како и 20 дена доколку станува збор за близнаци или повеќе деца, посочи министерката.
Исто така, како дополнување на ова право за работниците, се предвидува и можност за неплатено отсуство за двајцата родители, за мајката и за таткото, во траење од два месеци кои што можат да го користат до осумгодишна возраст на детето.
„Сето тоа се работи за да ги изедначиме можностите и правата на жените и мажите во процесот на пазарот на труд, за да може и таткото да се вклучи во грижата на родителите и за да може да биде полесен пристапот и кариерата на жената додека е на работа“, рече министерката Тренчевска.