Нема крај на пуфките околу Преспанскиот договор
Македонското прашање нема никогаш да биде затворено додека не се исполнат главните и стратешки цели, појасни денеска премиерот Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање во врска со реакцијата на официјална Атина по неговата изјава од САД, кога на средбата со дијаспората рече дека „сѐ уште трае борбата за македонското прашање“.
Како што кажа Мицкоски стратешките цели се:
„Прво, полноправно членство во ЕУ, второ, знаете дека судот за човекови права има донесено плејада пресуди за човековите права на македонската заедница во нашиот источен сосед, коишто не се почитуваат. Зборуваме за 21. век, за земја членка на ЕУ, којашто не ги почитува човековите права на македонската заедница. Тоа е нешто што претставува сериозен проблем. Гледате дека во 21. век сѐ уште е предизвикан и македонскиот идентитет. Би било неодговорно, предавнички од мене, ако јас кажам дека македонското прашање е затворено. Не е затворено и ќе се борам за македонското прашање сѐ додека ја вршам оваа улога, претседател на македонската влада“, рече Мицкоски.
Иако Мицкоски се чудеше зошто Атина се препозна во ваквата изјава, ова е една од ситните провокации што одвреме навреме функционери на ВМРО-ДПМНЕ ги пуштаат во етер за да го замајуваат членството, кое им даде поддршка верувајќи дека ќе спроведуваат тврда националистичка агенда, т.е. ќе го напуштат Преспанскиот договор и ќе ги прекинат преговорите со ЕУ заради условувањата на Бугарија.
Откако новиот претседател на САД Доналд Трамп ослободи од затвор 1.500 осудени за нападот врз Капитол Хил, неговото членство јавно се прашува на социјалните мрежи – што чека Владата на Мицкоски, бидејќи ако можел Трамп, можел и тој.
Тој предизборен товар го влече сега Мицкоски надолу и е пречка да спроведува рационална политика околку договорите што ги потпиша Македонија. А, за да ја одржуваат илузијата дека кога тогаш тоа ќе го направат тоа, од ВМРО-ДПМНЕ пуштаат вакви пуфки, и при членство во ОН и НАТО, при признат јазик, код и граници, измислуваат нерешено македонско прашање, а претседателката Гордана Сиљановска-Давкова деновиве во јавно соопштение го употреби името Беломорска Македонија – иако со Договорот од Преспа е должна како функционер да се држи до официјалните имиња во Грција.
Уште поапсурден беше објавата на Илија Димовски овие денови со кој им порачува на граѓаните дека никој не може да ги силува и дека не мораат да ги почитуваат барањата од Договорот од Перспа, како нови пасоши и лични карти, што предизвика лавина од реакции од тие што го следат на социјалните мрежи со една клучна порака – знаеш ли дека вие сте сега влада, што чекате, укинете го Договорот?
„Потписот на Димитров, аминот на Заев и криминалното гласање на Преспанскиот договор не се обврзувачки за ниту еден Македонец во светот (со или без македонско државјанство). Може да ја силувате државата, луѓето тешко“, напиша филозофски Илија Димовски, реторика на која никој не поверува.