Нема кој да одговара за хаваријата со хируршките сали – ни еден директор не понудил оставка


Фото: Б. Грданоски

Министерот за здравство, Илир Демири, информираше дека досега никој не поднел оставка за крахот што се случи во здравствениот систем по проблемот со компресорските станици поради кој хируршките сали на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје не работат повеќе од една недела.

Во одговор на новинарски прашања по денешната прес-конференција, Демири изјави дека компресорските станици се во сопственост на Службата за општи и заеднички работи на Владата и дека за нив не е одговорна Клиниката.

– Од директори на хирургија досега немам ниедна оставка која е доставена кај мене. Со разидувањето на Клинички центар 2006 година е настаната една збрка која може многу лесно да се изгуби одговорноста. Сопственост на компресорската станица не е на Универзитетски клиники за хирургија и КАРИЛ, туку е на Службата за општи и заеднички работи при Владата, која, за жал, не е јавна здравствена институција, туку е државна институција под ингеренции на Влада на Република Северна Македонија, рече тој.

Фото: Б. Грданоски

Поради овие збиднувања и немање на континуитет, како што дополни, побарани се алтернативни решенија и е спроведена поправка на станиците, а одговорноста за одржување ја лоцира кај менаџерите на државните институции.

 – Менаџерите на државни институции независно дали се медицински или не, тие носат секако и одговорност за одржување, сервисирање редовно и да има континуитет во здравствениот систем. Токму тоа што Северна Македонија како највисока установа за секакви хируршки интервенции го има само во Клинички центар „Мајка Тереза“ затоа и бев принуден да го известам и Обвинителството и да се бара причината која е, оти малку е необјасниво од каде доаѓа мирисот кога квалитетот на воздухот, на кислородот и на компримираниот воздух не е компромитиран, само има лоша миризба, дополни тој.

Според него, тоа е огромна мрежа која што треба да се испита дел по дел и најави дека ќе ја информира Владата за да го разреши проблемот.