Нема италијанско или англиско финале во Лигата на шампиони


Актуелниот европски првак Реал Мадрид ќе игра против Челзи во четвртфиналето во Лигата на шампиони (ЛШ), одлучи денешната жрепка во Нион, а победникот од овој дуел во полуфиналето ќе игра против поуспешниот од пресметката меѓу Манчестер сити и минхенски Баерн.

Во преостанатите два четвртфинални дуели се среќаваат Интер против Бенфика, како и Милан против Наполи во италијанската пресметка. Победниците од овие два дуели ќе бидат противници во полуфиналето.

Со ваквиот распоред, практично е невозможно во финалето да се сретнат две италијански или две англиски екипи. 

Првите натпревари од четвртфиналето се играат на 11 и 12 април, а реваншите се една недела подоцна.

Полуфиналињата се на распоредот на 9 и 10 мај, односно 16 и 17 мај.

Финалето е на 10 јуни во Истанбул.