Нема договор за СЈО: Европа бара конечни пресуди и конфискации

Додека Владата и опозицијата се договараат и никако да се договорат за Специјалното јавно обвинителство, извештајот на Европската комисија стигна и им порача на преговарачките тимови дека мора да има одговорност за прислушувањето и криминалот кој произлезе од разговорите.
Токму СЈО е една од клучните институции која се проткајува низ целиот извештај, а ЕК констатира дека специјалниот јавен обвинител ја потврдил својата водечка улога во истражувањето и гонењето на случаите на корупција на високо ниво. Според Европската комисија, земјава покажала дека на политичко ниво постои свест за потребата од ефикасно решавање на корупцијата на високо ниво, дека има конкретни резултати и дека таа борба треба да продолжи.
Што порачува ЕК за идната година:
– проактивно да ги спроведе новите правила за спречување и борба против корупцијата и да поттикне, од највисоко политичко ниво, повеќе проактивен однос на сите актери вклучени во оваа област
– повторно да ја потврди својата политичка волја за борба против корупцијата преку поддршка на сите релевантни институции со потребна автономија во остварувањето на нивните прерогативи, како и човечки и финансиски ресурси
– да ги консолидира листите за конечни пресуди во случаите на корупција на високо ниво, вклучително и со конфискација на криминални средства; да се осигура дека правната одговорност на прислушувањето се продолжува независно од тековните реформи во рамките на системот на обвинителите.
Во извештајот се споменува дека едно обвинение за случајот „Талир 2, судот сè уште го нема оценето, дека СЈО ја презеде надлежноста над случаите „Монструм“ и Маѓар телеком“. Споменати се притворите што ги добија поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, но и притворот за поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, како и конечните пресуди за поранешниот премиер, Никола Груевски, помошникот министер, Ѓоко Поповски, и пресудата за Сашо Мијалков, која уште не е конечна.
Европската комисија констатира дека СЈО има финансиски истраги, но апелира да се зајакнат овластувањата на ресурсите на полицијата, Јавното обвинителство, судовите и Агенцијата за управување со конфискуван имот, за да се дозволи заплена на криминалните средства во раните фази на кривичните постапки.
„Ова треба да го потврди позитивниот тренд на донесување привремени мерки за замрзнување на банкарските сметки на имот“, се вели во извештајот.
Европската комисија во извештајот ги потсетува институциите на посебниот извештај на СЈО, во кој се најдоа имиња на неколку судии кои биле во корелација со минатата власт.
За овој случај има постапки во Антикорупциската комисија и Судскиот совет, Обвинителството отвори истраги и за злоупотреба на АКМИС-системот, но како што пишува во извештајот, конкретни резултати нема.
Со Извештајот на Европската комисија, на површина исплива сето она што требало, но не сме го сработиле во изминатите неколку години во областа која се реформира од осамостојувањето на Македонија досега и која е една од најкритичните точки во сите извештаи. Во областа на судството и владеењето на правото, законите сме ги стокмиле по европски образец, но останува пораката до сите судски институции да вложат дополнителни напори и да ја вратат довербата на јавноста во судството.
Порачуваат дека наредната година треба да продолжиме со спроведување на стратегијата за реформи во правосудството, да се даде приоритет на развојот на стратегијата за човечки ресурси и да го подобри АКМИС-системот за да се обезбедат целосна функционалност и сигурност.
ЕК порачува доследно спроведување на новите правила за назначување, унапредување, дисциплина и разрешување на судиите и да демонстрира дека независноста на судскиот систем се почитува и промовира на сите нивоа, заштитувајќи од ризик од политичко мешање.
„Целосно да ја имплементира новата законска рамка во врска со реформата на Судскиот совет и да се усвои реформа на Советот на јавни обвинители“, порачува ЕК и констатира дека амандманите на законот за Советот на јавни обвинители допрва треба да бидат усвоени.
Оваа институција доби најмногу критики бидејќи не покажала транспарентност, сè уште нема доволно човечки и финансиски ресурси и нема посебен буџет, со што ја доведува во прашање неговата независност од државниот јавен обвинител.
Пофалби има за Државната комисија за спречување на корупцијата поради нејзината транспарентност. На највисоко ниво се издигнуваат истрагите за непотизам кои според ЕК дале резултати.
Слободата на медиумите, која до пред некоја година беше една од најкритикуваните точки во извештаите, се оценува дека постигнала добар напредок. Сепак, ЕК им порачува на јавните функционери и политичките елити да демонстрираат повисоко ниво на толеранција кон критиките, со тоа поддржувајќи ја слободата на изразување.
Нема напредок за СЈО, власта со нов рок
Министерката за правда, Рената Треневска-Дескоска, вели дека нема напредок во преговорите за законот за јавно обвинителство со кој требаше да се реши статусот на СЈО и смета дека би било идеално да биде донесен пред одлуката за отпочнување на преговори со ЕУ.
„Нашите позиции се принципиелни. Одредби кои нема да значат целосно воспоставување на правдата нема да дозволиме да бидат ставени во Законот. Се прават напори за преиспитување на ставовите на сите пратеници во парламентот околу нивната искрена заложба за поддршка на евроинтегративните процеси, но и за поддршка на владеење на право и правда. Кај сите нив стои одговорноста дали ќе поддржат принципиелни решенија од кои нема да отстапиме или нема да го дадат својот глас, ќе ги блокираат перспективите на нашата земја“, вели Дескоска.
Двете страни имале формални и неформални комуникации, но со месеци не мрдаат од позициите.
Фросина Факова–Серафиновиќ
Фото: Б. Грданоски