Нема договор за отворање на рестораните


Празен ресторан во Њу Џерси

Првичните информации што ги објави „Алсат“ беа дека угостителските објекти ќе почнат да примаат гости од понеделник, 11-ти мај. Тој предлог сè уште е на маса, меѓутоа има несогласувања помеѓу угостителите и Министерството за економија од една страна, наспроти  Министерството за здравство од друга страна. Од Министерството за здравство сметаат дека гостите треба да бидат само во летните бавчи или терасите, меѓутоа за угостителите и Министерството за економија така нема економска оправданост. Угостителите сметаат дека на тој начин се прави и дискриминација бидејќи сите угостители немаат исти летни тераси.

Освен примањето гости во угостителски објекти единствено на терасите и летните бавчи, постојат уште неколку протоколи кои ги бара Министерството за здравство, а со кои угостителите не се согласуваат. Според планот на здравство, кафеаните, рестораните и баровите ќе започнат со скратено работно време, односно ќе имаат право да работат до 18 часот. По завршувањето на пандемијата ќе се врати старото работно време. Угостителите не се задоволни од предлогот на летните бавчи да може да седат на една маса само четири посетители, а за една маса да има обезбеден простор од речиси 10 квадратни метри. Освен ограничување на бројот на гости кои може да се примат во одреден период, задолжително ќе треба угостителите да имаат и дезинфекционо средство за раце на секоја маса.

Освен на локалот, одржувањето на личната хигиена на персоналот и нивна редовна дезинфекција ќе биде подигнато на повисоко ниво. Групните забави и семејните прослави во прво време нема да бидат дозволени, тие се планираат по заминувањето на вирусот, но и тогаш со ограничен број на гости.

Инаку угостителско – туристичкиот сектор е еден од најпогодените од Ковид 19. Нивната комора веќе најави дека минимален е бројот на компании од угостителската дејност кои аплицирале и добиле финансиска помош од државата.