Нема договор за минималната плата
Покрај синдикална ќе има и државна минимална кошница. Тоа ќе биде конкуренција на сегашната
Денеска на седница на Економско социјалниот совет (ЕСС) не е постигнат договор за зголемување на минималната плата надвор од законската рамка, но разговорите на оваа тема ќе продолжат, соопштија по седницата на ЕСС претставници на синдикатите и на работодавците.
Истовремено, на седницата било одлучено да се формира посебно тело кое ќе изработува официјална минимална кошница, која практично ќе биде конкуренција на синдикалната минимална кошница што ја изработува со години Сојузот на синдикати, кој пак, нема намера да се откаже од овој индикатор за скапотијата.
„Нема договор за минималната плата, имавме точка за минималната синдикална кошница, но само се дискутираше, бидејќи на минатата седница на Економско социјалниот совет, Организацијата на работодавачи даде предлог да се формира и официјална потрошувачка кошница која ќе ја креира Заводот за статистика или друго релевантно тело. Денеска тоа беше официјализирано“, изјави по седницата на ЕСС, претседателката на ОРМ, Владанка Трајкоска.
Таа посочи дека оваа нова потрошувачка кошница ќе биде формирана од страна на неколку членови од различни институции и дека ќе биде „официјална институционална потрошувачка кошница која ќе ги дефинира сите оние точки и ќе ги земе во преддвид сите оние потрошувачки елементи кои се релевантни за една кошничка“.
Од друга страна, претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, вели дека и покрај намерата за формирање на друг вид минимална кошница, ССМ ќе продолжи да ја изработува синдикалната минимална кошница и нема да се откаже од оваа своја активност.
„И во регионот синдикатите продолжуват да пресметуваат своја кошница. Нашата кошница се покажа како единствен релевантен податок и информација кој бил пробан да се омаловажи од сите да се елиминира. Ако грешката во кошничката е дека има ставено сезонски овошја и еден газиран сок и еден густ сок за нашите деца, ако грешката во кошницата е тоа што може да јадат четири хамбургери нашите деца во текот на месецот или ако јадат децата, ние родителите само ќе гледаме, тогаш може слободно да направат нова методологија и нова пресметка. Алатките кои ги користат синдикатите со синдикалните кошници, кои се пресметуваат и во регионот и во Европа, се показател дека треба да се зголемуваат платите“, истакна Трендафилов.
Од друга страна, Трајкоска, одговарајќи на прашањето дали ОРМ има доверба во синдикалната кошница, или како Владата на чело со премиерот Христијан Мицкоски се сомнева во нејзината релевантност, вели дека како земја која се стреми кон Европската унија треба да се има предвид дека ЕК нема директива по однос на потрошувачката кошница и дека секоја држава има и синдикална кошница и кошница која ја формираат институциите.
„Тие (кошници) се разликуваат драстично, дури синдикалните се и два пати поголеми од државните. Сметаме дека тоа се политички одлуки и елементи кои ги користи синдикатот за свои придобивки, тоа е нивен метод за вршење притисок и ниту се први ниту единствени во регионот кои го прават тоа“, изјави претседателката на ОРМ.
Таа додаде дека во телото кое што допрва ќе се формира, ќе членуваат претставници на од Министерството за економија, од Организацијата на потрошувачи, од синдикатот, од Министерството за финансии и од Државниот завод за статистика.
„Прво треба да се донесе одлука на ЕСС, ова денес беше само дискусија, сметам дека многу брзо ќе се донесе одлука за телото кое ќе ја креира официјалната кошница“, рече Трајкоска.
Трендафилов истакна дека во 2010 година кога ССМ почна да ја пресметува синдикалната минимална кошница идејата била да се покаже дека не се живее супер во Македонија, туку дека се живее лошо.
„Тогаш државните органи одлучија дека нема никаква логика во нивните пресметки за тоа со колку може да преживееме и да живееме“, вели тој.
Трендафилов посочи дека во 2023 година кога беше унапредена методологијата, тогашната влада исто така ги критикуваше дека се живее со далеку помалку и дека не се потребни толку средства колку што пресметува ССМ.
„Сметаме дека обидот и денес на ЕСС да потрошиме половина седница за тоа што работи синдикатот, веројатно сите сакаат да станат синдикат, односно ССМ имајќи предвид дека само ССМ ја пресметува синдикалната минимална кошница која ги отсликува реалните поттреби на едно четиричлено семејно домаќинство“, вели Трендафилов, додавајќи дека се зборувало зошто во кошницата имало пресметано на пример 25 грама цреши, една чаша кока-кола и една чаша сок од портокал…
„Стоиме на располагање да пренесеме дел од нашите знаења доколку Државниот завод за статистика или државата смета дека треба да направат некакво унапредување, но ќе потсетам дека денеска ДЗР пресметува близу 230 производи во нивната кошница кои се далеку понереални и каде што опфаќа дури и ананас, јагоди, ореви, бадеми и што уште не“, вели Трендафилов.
Според него, доколку разговорите во наредниот период преминат од фаза на дискусија и идеи во фаза на тоа да им се докажува на граѓаните дека може да преживеат со далеку помалку, тогаш можеби ќе треба да се пресмета просечна кошница која ќе биде можеби над 2 илјади евра и која ќе ги отсликува реалните, а не минималните потреби на едно четиричлено домаќинство.
„Тоа нема да им се допаѓа ниту на Влдата, ниту на работодавачите“, вели Трендафилов.
Патем, како што додава, синидикалната минимална кошница е 63 илјади денари, и доколку минималната плата се зголеми согласно дури и предлозите на Стопанската комора на северозападна Македонија на 31.500 денари, ќе се врати позицијата кога две минимални плати ќе ја покриваат минималната синдикална кошница.
„И мислам дека тоа е правилниото пат“, вели Трендафилов.
Различни се и позициите околу минималната плата. Од една страна од ОРМ изјавија дека била отворена и темата за минималната плата, но само како дискусија без никакви ставови и заклучоци, додека од ССМ велат дека владата не го одбила размислувањето односно предлогот на ССМ, како и дека разговорите ќе продолжат во текот на месецот кога ќе има нова седница на ЕСС.
Трајкоска вели дека на седницата на ЕСС не поминал предлогот за зголемување на минималната плата преку ослободување на придонесите во рок од една година, за разликата на зголемувањето.
„Беа против ваквата одлука. Ние излеговме дека го почитуваме законот, а како ќе одлучат државните институции така ќе делуваме. Топката беше префрлена на синдикатите и работодавачите сами да одлучат, но ние не можеме да се мешаме во кошницата на Владата, така да на следната седница на ЕСС, односно на седницата на која ќе се одлучува за минималната плата ќе биде одлучено законски, значи зголемување од 1.900 денари во март“, рече Трајкоска.
Трендафилов, пак, вели дека ССМ ги презентираше дел од аргументите за потребата од зголемување на минималната плата и начинот на кој смета дека треба да се зголеми.
„А, тоа е законското усогласување согласно Законот за минимална плата и таа да се зголеми на 24.400-24.700 денари, не знаеме колку точно ќе биде согласно последните податоци од Стаистика за просечната плата претходната година, и дополнително да се договорат социјалните партнери дека тешко се живее во Македонија“, вели Трендафилов.
Предлогот на ССМ е дека е потребен дополнителен раст на минималната плата на кој работовачите ќе бидат ослободени од плаќање придонеси. Односно, ќе бидат субвенционирани од страна на државата сѐ со цел да им се помогне на работниците кои примаат минимална плата.
„Но, нашиот предлог е не само за раст на минималната плата, напротив, со работодавачите од приватниот сектор, вклучително и ОРМ, разговаравме за зголемување на сите останати плати преку ваков модел на субвенционирано плаќање на придонесите или ослободување од плаќање на придонесите во одреден временски период – шест, осум или 12 месеци, што потоа ќе се каже дека ќе остане во платата на вработените и ќе продолжат да плаќаат приодонеси. Имавме такви примери и во минатото што се покажаа добри, не само што се зголемија платите, туку и се елиминираше дел од сивата економија која инаку ја чини државата 250 милиони евра поради неплатени придонеси за задолжително социјално осигурување“, истакна Трендафилов.
Според него, од Владата не било одбиено ваквото размислување, како и дека разговорите продолжуваат во текот на овој месец ќе има и нова седница на ЕСС.