Нема да се запишуваат првачиња кои не се вакцинирани


Владиниот портпарол Миле Бошњаковски вели дека  нема да се отстапува од донесените мерки по прогласената епидемија од морбили и оти од оваа учебна година нема да се запишуваат првачиња за коишто нема да биде доставен картон за вакцинација.

-Вакцинацијата е задолжителна. Во прво одделение нема да можат да се запишат деца кои не се вакцинирани. Закон за основно образование член 46, став 2 е јасно, рече Бошњаковски одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференцијата за одлуките од редовната седница на Владата.

Бошњаковски потсети дека поради состојбата со морбилите Владата прогласи епидемија на територија на целата држава. Тој информира дека теренската вакцинација на Министерството за здравство се спроведува според планираната динамика и оти во тие активности има координација со Министерството за образование.

-Мора да го подигнеме степенот на имунизација на сите граѓани во Република Северна Македонија со цел да ја спречиме епидемијата на морбили. Ова се мерки коишто се спроведуваат и нема отстапување од нив, наведе Бошњаковски.

Истовремено потенцираше дека основното образование е задолжително и оти децата треба и ќе одат на училиште.