Нема да има врзани потписи во владата, вели Заев


„На владата ѝ требаше освежување“, го објасни Заев заминувањето на петмина министри на СДСМ од досегашниот состав 

 

СДСМ и ДУИ ги усогласуваат своите изборни програми во една заедничка владина програма која ќе биде наскоро презентирана, но новата влада нема да функционира како кабинет со врзани потписи, изјави мандатарот Зоран Заев на прес-конференција по вечерашнава седница на Централниот одбор на партијата. Коалициските партнери ќе ги носат одлуките заедно, рече Заев и нагласи дека главни столбови на идното работење на владата ќе бидат: економскиот развој и капиталните инвестиции, потоа владеење на правото, прочистување на судството и проверка на имотите на функционерите и преговорите со ЕУ за членство.

Заев објасни дека бројноста на министрите во владата се намалува – од сегашните 26 на 19. Од нив 11 ќе бидат од коалицијата „Можеме“. „Од оние што се предлог на СДСМ имаме по четворица министри жени и мажи. Тоа е важен сигнал за поттикнување на родовата рамноправност во општеството“, рече Заев. Министерки ќе бидат Радмила Шекернска (одбрана), Мила Царовска (образование), Јагода Шахпаска (труд и социјала) и Ирена Стефовска (култура).

Идниот премиер изјави дека владата ќе има четворица вицепремиери, тројца ќе ги предложи СДСМ, а еден ДУИ. Но тој на ДУИ, Артан Груби, кој ќе биде вицепремиер за политички систем ќе биде негов прв заменик. Тоа значи, објасни Заев, дека Груби ќе го заменува премиерот кога тој нема да биде во можност да претседава со седниците или да прима гости во негово отсуство. „Но потписот на одлуките останува кај премиерот“, соопшти Заев.

Другите вицепремиери се Никола Димитров (за европски политики), Фатмир Битиќи (за економски политики) и Љупчо Николовски (за борба против корупцијата, одржлив развој и човечки ресурси). Новинарите посебно се интересираа каква ќе биде улогата токму на Николовски, па Заев објаснуваше дека борбата против корупцијата е една од најважните задачи на новиот кабинет и тука ќе биде многу важна работата на генералниот секретар на СДСМ. Интересно е што Радмила Шекеринска, која е заменик-претседател на СДСМ, веќе нема да биде и вицепремиер, туку само министер за одбрана.

Зоран Заев најави дека во рамките на владата ќе се формираат неколку пошироки секретаријати и директорати кои ќе работат на посебни прашања од функционирањето на земјата.

Тој им се заблагодари на досегашните министри предложени од СДСМ, Рената Треневска-Дескоска, Горан Сугаревски, Дамјан Манчевски, Роберт Поповски, Едмонд Адеми и нагласи дека за нив сигурно ќе има место во некои други институции.

„На владата ѝ требаше освежување“, го објасни нивното заминување мандатарот Заев.

Лидерот на СДСМ не сакаше да остави никаква дилеми околу надворешно-политичките приоритети и изјави дека владата ќе работи посветено на целосна имплементација на Преспанскиот договор и на Договорот за добрососедство со Бугарија.

Цнетралниот одбор за свој претседавач во наредната година ја избра новата пратеничка Сања Лукаревска. Тој исто така донесе одлука постизборниот конгрес на партијата да се одржи кон крајот на септември или почетокот на октомври, во зависност од ситуацијата со корона виорусот. (Н.В.)