Нема да има пролетен распуст за учениците – се покажа еднократен


Фото: Б. Богдановска

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска информира дека нема да има пролетен распуст за учениците во наредната учебна година. Финалните анкети на родителите покажале дека тие не сакаат пролетен распуст, но истото го мислат и повозрасните ученици.

-Оваа година пролетен распуст нема да има – рече Јаневска во изјава за медиумите по  извршениот увид во активностите за изградба на спортска сала во рамки на основното училиште „Наум Охридски“ во с. Булачани, додавајќи дека учебната година ќе започне на 2 септември, во понеделник.

-На прашањето дали во МОН се разгледува друга можност за краток одмор на учениците, Јаневска вели дека во моментов нема такво нешто.

-Направивме легитимна анкета и граѓаните ги кажаа своите потреби, додаде министерката.

Претходно од МОН објавија анкета за тоа дали е потребно организирање на пролетен распуст.

Со оглед на различните ставови во јавноста по однос на пролетниот распуст во основното и средното образование минатата учебна година, а со цел на транспарентен начин да се одлучи дали да се организира и во учебната 2024/2025, министерството испрати прашалник до училиштата, а истиот е достапен и за целата јавност, со цел сите засегнати – наставници, ученици, родители/старатели да го дадат своето лично мислење“, се посочуваше во информацијата на ресорното министерство.

Претходната учебна година, основците и средните училишта од 29 април до 6 мај беа на пролетен распуст. За прв пат имаше промена и во училишниот календар, па така 2023/2024 година за основците заврши на 17 јуни, додека за средношколците, како и изминатите години, на 10 јуни.