„Некултура“ во МКЦ со 15 артисти од електронската, рок и џез сцена


На деветото по ред издание на фестивалот ПМГ Рекордингс денеска во МКЦ на три подиуми за танц, ќе настапат 15 артисти од електронската, рок и џез сцена, признати музички автори, изведувачи од домашната и меѓународна сцена.

На фестивалот, како што соопшти тимот на ПМГ Рекордингс, ќе настапат домашните џез состави „Сетстат” и „Светлост” како две моментално најрепрезентативни музички формации кои го негуваат современиот џез звук. Сцената со нив ќе ја сподели и „Мухамед Ибрахими” нашиот виртуоз на жичани инструменти, кој прави совршен спој помеѓу традицијата и современиот звук. Од инди рок составите на фестивалот ќе се претстават домашниот состав „Александар Велики” и гостите кои ни доаѓаат од Тирана, бендот „3:56АМ” кои штотуку издадоа албум за ПМГ Рекордингс.

Од помладата генерација на фестивалот го претставуваме електронскиот колектив „Барум Барум” хит на сезоната со настап во живо, покрај веќе докажаниот и со бројни настапи „Кантон6″. Како диџеи на фестивалот ќе земат учество ветерантите на електронска сцена, артистите на пиемџи колективот Мирко Попов, Горан Атансовски – Роботек, Дарко Јорданов, Горан Атансовски – Роботек, Илина Ангеловска, Виолета Качакова како дел од колективот од средната генерација, и младите и самостојни а веќе докажани и диџеи и продуценти Бодан Јамакоски и Марко Рикалоски.

Специјалната понуда на вечерта се британските „Параноид Лондон”, еден од водечките состави на современата електронска есид-хаус сцена, кои за прв пат ќе се претстават на македонската публика.

Фестивалот се реализира со поддршка на Град Скопје, Министерство за култура и спонзори.