Неколку стотици демонстранти во Москва побараа оставка од Путин, 103 лица се уапсени

Русија– Неколку стотици лица синоќа протестираа во центарот на Москва против уставните реформи кои на претседателот Владимир Путин му овозможуваат да остане на власт уште 16 години, а 103 лица беа уапсени по завршувањето на протестите.

Британските медиуми, цитирајќи очевидци, наведуваат дека околу 500 демонстранти, од кои многумина носеа маски заради коронавирусот, ја побараа оставката на Путин и носеа транспаренти против реформите.

На референдумот, претходно овој месец, Русите се изјаснија за  усвојување на уставните реформи што на Путин ќе му овозможат да се кандидира за уште два претседателски мандата.

Опозициските активисти велат дека референдумот беше нелегитимен и дека е време Путин, кој владее со Русија повеќе од две децении како претседател или премиер, да се повлече.

По завршувањето на протестот полицијата приведе 103 демонстранти, јавија француските медиуми.

Во руската престолнина се забранети масовни собири заради рестриктивни мерки што имаат за цел спречување на ширењето на коронавирусот. Дури и во нормални околности, за одржување протести во Москва се бара одобрение од властите.