„Неколку секунди кои ми изгледаа како цел век“: Преживеани раскажуваат за несреќата во Грција

Повреденети веднаш со пет автобуси беа пренесени во Солун каде што ги чекаа исплашените роднини. Сторија на „Катимерини“


 

„Знаеш нешто? Слушна ли нешто?“ На Железничката станица во Солун рано се собраа родители на патниците на кобниот воз ИЦ62 кој сообраќаше на релација Атина – Солун. Некои успеаја да разговараат со преживеаните, кои опишаа слики на ужас: „Косата ми се запали, мамо. Не знам како успеав да се извлечам“. Друга мајка која сè уште не можела да стапи во контакт со својата ќерка и залудно се обидуваше да најде информации за тоа каде се наоѓа своето дете.

На железничката станица стигнаа вкупно пет автобуси за да ги превезат патниците од местото на несреќата до Солун. Повеќето од нив во шок се симнаа по скалите на автобусот и паднаа во прегратките на своите роднини, плачејќи. „Тоа беа неколку секунди што изгледаа како еден век“, вели еден од првите што пристигна. „Мислев дека ќе умрам“, рече млад човек кој се возел зад предните вагони кои биле зафатени од пламен. Како што опиша, прво почувствувал потрес, а потоа ги видел предните вагони како „брзаат“ кон него. Сè било расфрлано околу него, но тој самиот успеал некако да излезе од него.

„Луѓето почнаа да викаат внатре, девојките плачеа. За среќа, задната врата се отвори и сите излеговме”, опиша друг патник кој беше спасен. Некои немале толкава среќа и како што рекле, морале со куферот да го скршат прозорецот на вагонот за да излезат или пак нашле дупка и успеале да побегнат кога тој се „свртел“. „Завршивме со навалување на вагонот за 45 степени. Имаше масло низ целиот под и некои луѓе се лизгаа обидувајќи се да излезат“, опиша друг.

Кога излегле, виделе „хаос“, „луѓе во паника“, а предните вагони зафатени од пламен.

Излегувајќи од автобусот, млада жена падна во прегратките на мајка си која со часови ја чекала. Нејзе, како што рече, ѝ помогнал колегата да се спаси. Заедно со неа се симнале и полесно повредените со дамки од крв на лицето и облеката, кои биле упатени во амбулантите кои биле на лице место да им укажат помош.

Меѓу спасените има и една млада жена која сѐ уште не може да поверува на својата среќа. Како што истакна, нејзиното седиште нормално било во вториот вагон. Таа, сепак, во последен момент избра да се префрли во шестиот вагон и така успеала да се спаси.

Утрото околу 4 часот беше завршен транспортот на околу 200 спасени до Солун со пет автобуси.

Исплашената мајка во ниту еден од нив не ја виде својата ќерка. Таа заедно со уште неколку роднини замина со телефонот во рака за да ги контактира надлежните органи во Лариса за да го лоцираат нејзиното дете. (Катимерини)