Неколку приватни компании ќе дадат дополнително три месеци породилно за вработените


Неколку македонски приватни компании ќе го продолжат породилното отсуство од девет на 12 месеци за своите вработени. Оваа иницијатива денеска на работната средба со Стопанските комори ја поддржаа и премиерот Зоран Заев и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

– Ова е една прекрасна иницијатива на македонски компании и претставува одличен урнек, пример, инспирација за сите други компании во државата. Се работи за иницијатива што самите компании во разговор со синдикатите и со своите вработени, менаџерските тимови одлучиле да овозможат дополнителни три месеци породилно боледување на мајките по раѓањето на своето дете, истакна Заев по состанокот.

Посочи оти е важно да се поддржат овие иницијативи, бидејќи, како што рече, тоа ќе има и позитивен фидбек врз севкупната продуктивност во нашето општество што на некој начин им се враќа на компаниите.

Според него, ова засега останува иницијатива само во приватните компании и не може да се спроведе во јавниот сектор, бидејќи како што рече, во тој случај буџетот на Фондот за здравство треба да се зголеми за 30 отсто.

– За жал ние немаме можност тоа да го воведеме во државниот сектор. Продолжувањето на породилното отусуство е иницијатива на приватните компании. Ние немаме ресурси во законот тоа да го додадеме. Тие тоа самоиницијативно го прават. Од фабриката „Европа“ од 400 вработени 300 се жени. Во моментот имаат десетина на породилно. И тие велат дека тоа е можно да го организираат. Тие како компанија ги покриваат трошоците и велат дека добиваат среќни, лојални работници, посочи Заев.

Вели дека на состанокот била отворена можноста да се воведе и рамноправно породилно боледување и за татковците, можност за комбинирани делови на породилно боледување на мајките и на татковците.

– Отворивме можност и да поразговараме и за Законот за работни односи што е во почетни фази на дебати каде што навистина ваквите иницијативи за нас се дополнителна мотивација да овозможиме флексибилност на работното време со клизното работно време, со она што значи дополнителна адаптираност на работниците и потребите на работодавачите што произлегува и од синдикатите но и од сите комори. Испраќам сериозна порака на поддршка на ваквите иницијативи и апел до што е можно повеќе компании во нашата земја да практицираат вакви позитивни примери, рече.

Министерката Царовска рече дека шест македонски компании добиле признанија за општествено-одговорни од една страна, но од друга страна за првпат покренаа самостојна иницијатива.

– Токму затоа сметавме дека ние како Влада и како институции треба да ги поддржиме, да ги поттикнеме и останатите компании да го прават и да покренуваат ваков тип иницијативи, рече Царовска.

Оцени дека Законот за работни односи треба да биде нов современ закон, да обезбеди  флексибилност и сигурност на работникот, нешто што според неа, земјава со години го немала.

– Треба да се задоволат и двете страни и работодавачите и работниците дека преку ваков тип иницијативи и работниците и работодавачите се приближуваат едни кон други, имаат заеднички интерес а тоа е подобра економија, попродуктивни работни места, поплатени работни места, заклучи министерката Царовска.