Некој ја избришал „Северна“ од таблите на дефилето на „Илинденски денови“, фолклористите зачудени


Таблите носени на дефилето на кои „Северна“ е избришана со маркер

 

БИТОЛА – Скандал се случило синоќа на отворањето на „Илинденски денови“ во Битола, кога непознат сторител на две табли со маркер ја исчкртал „Северна“. Станува збор  за таблите на две културно-уметнички друштва од Битола и Скопје.

Едното е КУД „Илинден“ од Битола, а другото Ансамбл „Ќустек “ од Скопје.

На дефилето на фестивалот кое се движеше по Широк Сокак, со бројни гости од светот и државата, две девојчиња носеа мали паноа на кои беше видливо дека со маркер се покриени „Северна“ и на македонски и на англиски јазик. 

Организаторите на фестивалот се зачудени од инцидентот, велат дека паноата ги предале  на клубовите, со официјалното име на државата.

„Како фестивал се оградуваме од овој инцидент, таблите ги предадовме на сите учесници како што треба со официјалното име на државата – Северна Македонија, после што е направено не знаеме, кој и да го направил ова е за осуда и ќе се бара одговорност“, вели Маја Андоновска-Илиевски, директор на Центарот за култура во Битола, организатор на „Илинденски денови“.

Шокирани од инцидентот се и од КУД „Илинден“ од Битола.

„Се оградуваме од овој непромислен потег и веќе имаме сомнежи кој би можел да го стори. Ова е инцидент кој е за секаква осуда. Паното пред самото дефиле беше како што треба, ова е крајно немил настан за нас, а оној што го направил смислено или не, ни нанесува голема штета на нашето друштво кое има над 67 години традиција“, рече Александар Стефановски, уметнички раководител на КУД „Илинден“.  

КУД „Илинден“ од Битола на фестивалот учествува од самиот почеток од 1971 години.

Синоќа во Битола, на почетокот на „Илинденски денови“ , стотици фолклористи од целиот свет приредија спектакл на Широк Сокак и приредија моменти за сеќавање. (А.Б.)