Некои трговци ги повлекле залихите за денеска да ги вратат назад со нови цени

Министерот Бектеши апелира да се внимава при информирањето за цените: Не е време за шпекулации и манипулации


Белиот леб не е поскапен во сите маркети, кај некои цената е 25 и 27 денари, рече министерот за економија Крешник Бектеши и уште еднаш апелира да не се крева паника меѓу граѓаните зашто ценовни шокови нема да има.

Бектеши очекува благо намалување на цените на основните производи, согласно Одлуката за трговските маржи кој од денеска стапи во сила, но засега е важно, подвлече, и дека нема поскапувања.

Министерот е дециден дека недостиг на храна нема да има никако, ниту ќе се дозволат какви било манипулации со цените за товарот од кризата да падне на грбот на граѓаните.

-Важно е дека нема зголемување на цените како што објавија некои медиуми вчера и завчера, без да ги имаат влезните податоци и пред да се применува мерката. Може да проверите по супермаркети. Убеден сум дека, како со овошјето и зеленчукот чија цена е намалена, така ќе се случи и со другите производи. Инспеткоратот е на терен, очекуваме благо намалување на цените како што е предвидено со Одлуката, напомена Бектеши.

Тој апелира и да се води сметка како медиумите ја информираат јавноста зашто сега не е време, нагласи, за шпекулации и манипулации.

-Да бидеме внимателни, посебно во делот како ја известуваме јавноста. Затоа, конкретно да зборуваме, Кажете во кои маркети и кој леб е поскапен за пет денари, а јас точно и транспарентно ќе ви одговорам за секој вид леб и во кој маркет. Можам да ви давам и фискални сметки од маркети каде што лебот е 25 и 27 денари, рече Бектеши на прес-конференција, одговорајќи на новинарски прашања.

Според него, има информации дека одредени производители ги зголемиле цените на лебот, но тие главно се движат од 25 до 30 денари.

-Тоа граѓаните може да го забележат и да одлучат каде ќе купуваат. Секако ние нема да дозволиме тоа да трае. Денеска е само првиот ден, во наредните денови сите производи ќе се вратат на цените согласно Одлуката за маржи. Нема да дозволиме да има шпекулации и манипулации, потенцира министерот.

Бектеши информира и дека причината за празнењето на некои маркети викендов, било повлекувањето на производите од страна на самите трговци.

-Немало паника од страна на граѓаните. Утврдено е дека некои од трговците сами ги повлекле залихите за денеска повторно да ги вратат назад со нови цени. Тоа е целосно утврдено од надлежните институции и нема да дозволиме да се случи. Не е време за манипулации и шпекулации, рече Бектеши и нагласи дека тие трговци што мислат дека на таков начин можат да манипулираат со институциите и потрошувачите ќе бидат санкционирани и дополнително контролирани.

Според него, Државниот инспекторат е на терен и постојано врши контроли, посебно во трговијата на мало каде е утврдено дека претходно имало големи маржи, што било причина за поскапувања.

Во делот на месото, укажа министерот, забележано е дека има мало поскапување зашто се прикажува дека е преработено дома, а не како свежо месо од увоз.

-И тие ќе бидат контролирани, како е увезено месото и ќе се вратат во рамки на Одлуката. Сакаат манипулативно да прикажат дека е прерабптено тука, па се зголемени трошоците за преработка и производство за да утврдат друга цена. Тоа веќе е направено како контрола и е утврдено вчера и завчера. дадена е насока да се вратат цените во рамки на Одлуката, подвлече Бектеши.