Некои од водечките светски економии се на раб на рецесија


Берзите во светот минатата недела затворија со доза на загриженост. Не е тешко да се погоди зошто се случува ваквата неизвесност: корона вирусот продолжи да се шири и има знаци дека некои од најголемите светски економии би можеле да влезат во рецесија, што се должи и на претходно пројавените слабости.

Економскиот раст на Јапонија на пример, која е трета по големина економија во светот, се намали за 1,6 отсто во четвртиот квартал минатата година, како резултат на зголемувањето на данокот на продажба и моќниот тајфун што нанесе големи штети. Ваквиот пад претставува најголема контракција споредено со претходниот квартал уште од 2014 година, пишува Си-Ен-Ен.

Германија, најголемата економија во Европа, подзастана непосредно пред појавата на корона вирусот, а ваквата состојба е резултат на проблемите со кои се соочуваат некои од компаниите во земјата. Дополнително, во февруари нагло се намали и показателот за економски раст, како последица на стравувањата дека вирусот може да ја погоди светската трговија.

Економистот на Банката на Америка, Итан Харис, вели дека и некои помали економии исто така се погодени. Хонг Конг е во рецесија, а слично може да му се случи и на Сингапур. Податоците за БДП за четвртиот квартал лани во Индонезија се најниски во изминатите три години, а и Малезија се соочува со некои од најголемите проблеми во последната деценија.

Во меѓувреме, моторите на раст како Кина и Индија забавија во 2019 година. Податоците за БДП од четвртиот квартал се очекуваат неделава.

Сето ова предизвикува загриженост дали глобалната економија може да издржи уште еден шок како што е корона вирусот. Харис вели дека слабиот квартал најверојатно е резултат на долготрајната штета од трговската војна меѓу Кина и Соединетите Американски Држави. Корона вирусот, меѓутоа, може да ги влоши работите.

На пазарите на капитал има заживување бидејќи САД и Кина се свртија кон прекин на огнот, но компаниите со глобални синџири на снабдување остануваат длабоко несигурни“, рече тој.

Дури и САД не можат да бидат во толку силна позиција како што се сметаше претходно. „ИХС Маркет“ во петокот соопшти дека секторот на услуги во САД забележа намалување во февруари, и достигна најниско ниво во последните 76 месеци. Ова е првпат во последните четири години секторот да забележи намалување.

Претседателот Доналд Трамп треба да пристигне во Индија во понеделник во државна посета и да се сретне со индискиот премиер Нарендра Моди. Минатата година администрацијата на Трамп го укина специјалниот трговски третман што го имаше Индија, а како одговор на тоа, Индија ги зголеми царините за извозот на САД.

Во меѓувреме, САД беа преокупирани со други трговски конфликти – со Кина постигнаа примирје. Но, следејќи ја „првата фаза“ на договорот со Пекинг, разврската со Индија може да предизвика чекор назад или прекин на комуникацијата и поголема ескалација. Лери Кудлоу, водечкиот економски советник на Трамп, им рече на новинарите во петокот да не очекуваат голема трговска компонента од посетата. „Мислам дека може да ја видите подготвеноста на Трамп да преговара со Индија“, рече тој. „Тој и Моди се пријатели“.

Но, Трамп редовно го нарекуваше и кинескиот претседател Си Џинпинг, исто така, пријател, заклучува Си-Ен-Ен.