Некои го славеа, некои го бојкотираа – Охридскиот рамковен договор и „празните столчиња“


Половина милион евра, над 200 гости од земјава и од странство, откажан концерт и неколку забележливи „празни столчиња“ на значајни личности директни учесници во креирањето и реализацијата на Охридскиот рамковен договор ја одбележаа вчерашната централна манифестација по повод 20 години од потпишувањето на документот кој ја смени „личната карта“ на земјата.

Најзабележливо беше отсуството на Љупчо Георгиевски, премиер на Владата на широка коалиција во 2001 година и претседател на владејачката ВМРО – ДПМНЕ кој од таа функција го потпиша Рамковниот договор, како и на Бранко Црвенковски, тогашен претседател на опозициската СДСМ која што учествуваше во владата и во преговорите за Договорот, исто така потписник на Рамковниот договор. Црвенковски подоцна беше премиер и претседател во чиј мандат се имплементираа многу од одредбите на договорот, а беа донесени и уставни амандмани.

Не помалку видливо на манифестацијата беше и отсуството на актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како претседател на партија која е потписник и своевиден гарант за спроведување на она што од Договорот е преточено во Уставот и во законите.

И додека Љубчо Георгиевски за ТВ21 кусо изјави дека не бил на прославата на 20 години Охридски договор затоа што бил на одмор, барем до сега, до ниту еден од медиумите кои побарале изјава, нема реакција од кабинетот на Црвенковски за мотивите кои претежнале да ја одбегне манифестацијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, оценија дека прославата за Рамковниот договор, наместо државна агенда, станала партиско политичка промоција.

„Ако вистински се грижеа за духот на Рамковниот договор, тогаш парите од прославата ќе беше попаметно да се пренаменат за реконструкција на училиштата во Тетовско, Гостиварско, Кумановско или за решавање на проблемот со вода за пиење во Тетово. А, секако најдобро ќе се искористеа и за сервисирање на канадерите за гасење на пожар“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека „нема потреба од партиска предизборна парада во услови на тешка економска и здравствена криза“.

„Рамковниот договор е завршена работа. Парите можеше да се искористат за многу други цели“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Покрај Георгиевски и Црвенковски, Охридскиот договор со кој се стави крај на конфликтот во 2001 година го потпишаа и тогашниот претседател на државата, Борис Трајковски, кој загина во авионска несреќа, и лидерите на ДПА, Арбен Џафери и на ПДП, Имер Имери кои починаа пред неколку години.

Обвинувањата помеѓу партиите не престанаа и по одбележувањето на 20 годишнината од Охридскиот рамковен договор.

Според СДСМ, „Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се заглавени во деструктивните политики на етнички поделби, Рамковниот договор е темел на граѓанскиот концепт кој обединува.

„Охридскиот рамковен договор е мировен договор кој ја отслика фактичката реалност – дека фундаментот на државата е граѓанскиот концепт на соживот меѓу македонскиот народ и другите етнички заедници. Бегањето од одбележување на 20 годишнината од Рамковниот договор е тешко политичко лицемерие кое потврдува дека ВМРО-ДПМНЕ се уште е заглавена во поделбите на граѓаните, по етнички линии“, соопштија од СДСМ.

ВМРО ДПМНЕ, пак, жали што ДУИ, наместо да бидат модерна зелена партија се враќаат 20 години во минатото, се расфрлаат со народни пари и тераат паради.

„Жалиме што ДУИ одлучи ревносно да му служи на тој кој најпогрдно ги навредуваше Албанците, ги навредува и Македонците, а за самите нив пред украдените избори во јули 2020 велеше дека се корумпирани и дека се криминалци“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

ДУИ, иако не е директен потписник на Охридскиот рамковен договор, бидејќи тогаш и не постоеше како политичка партија, се смета за негов поддржувач, со оглед дека произлезе од ОНА.

Од таму оценија дека договорот ја отсликува реалната и фактичка состојба на државата и нејзините граѓани за соживот со сите етнички заедници. Тие ја обвинија опозициската ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски дека со бојкотот на прославата поттикнуваат на поделба на граѓаните.

ДУИ го коментираше и бојкотирањето на партиите од албанскиот политички блок кои се во опозиција, потенцирајќи дека наместо да застанат до прогресивните сили и сојузниците од САД и ЕУ, се редат зад ВМРО-ДПМНЕ.

Од коалицијата Алијансата за Албанците и Алтернатива пак, реагирајќи на обвинувањата од ДУИ, истакнаа дека не само што не се против Охридскиот договор, туку работат да го заштитат од било каква девалвација од луѓе како нив.

Инаку, бојкотот или неотповикувањето на поканите за разни поводи во земјава, не е невообичаена ситуација. Такво нешто е случи и пред две години на свеченоста пред Владата по повод кревање на знамето на НАТО, кога иако беа поканети, не присуствуваа тогаш актуелниот претседател на државата и командант на вооружените сили, Ѓорге Иванов, но и експретседателот Црвенковски, лидерите на ДУИ, Али Ахмети, и на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски …

Тоа беше видливо и од самиот пренос на настанот – во првиот ред седеа поранешните премиери Владо Бучковски, Хари Костов и Љубчо Георгиевски, како и пратеникот Амди Бајрам и лидерот на ДПА Мендух Тачи. Но, столчето до Георгиевски наменето за Црвенковски остана празно, иако, како што информираа од Владата, тој добил покана да присуствува на настанот.

Од Кабинетот на Иванов, кој во тоа време беше и командант на воените сили, соопштија дека поканата ја добиле откако завршила церемонијата, иако од Владата тврдеа дека навреме ја испратиле преку курирска служба. Од канцеларијата на Црвенковски, пак, информираа дека не дошол бидејќи не сака да се појавува во јавност, а од ДУИ дека Ахмети не можел да дојде поради однапред закажани обврски. Слични беа и објаснувањата од ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски не се одѕвал на поканата поради „неодложни обврски“. (Н.В.)