Некласично јавно-приватно партнерство не постои


АНА ПАВЛОВСКА-ДАНЕВА

Утрата вообичаено ги поминувам во читање вести, колумни, анализи, преглед на поштата и социјалните мрежи. Деновиве после секое будење ме фаќа страв да вклучам компјутер или телефон, па се терам себеси уште некое време да полежам со затворени очи, да го пролонгирам почетокот на денот, одлагајќи го на тој начин секој следен стрес, разочарување, возбуда и горчина што мора да се трпат после читањето на утринските новости од земјава и Италија. По кусо размислување, се охрабрувам да влезам во реалноста зашто бегање од неа нема. После секоја утринска „бомба“, следува уште посилно потресување од потценувачките и дегутантни изјави на актерите во „бомбите“, чии гласови или имиња сме ги чуле и сето тоа проткаено со најстрашната тишина продуцирана од оние кои се најповикани нешто да кажат (и преземат).

Наједноставен начин да се излажам себеси, мислејќи дека може да се ставам понастрана од гнасотилаков кој мора да го живееме, ми е утехата дека овие збиднувања се предмет на работа на политичарите и „кривичарите“. Јас да пробам да си го гледам „својот“ дел од правото. Се разбира, ваквото гледање на работите ни најмалку не ми олеснува, ама навистина секогаш сум сметала дека секој треба да се занимава со она за кое е стручен, како во науката така и во политиката, и во аналитиката. По некои објективни критериуми, јас би требало да сум најстручна во областа на управните договори бидејќи тие се тема на мојата докторска дисертација. И, така доаѓаме до јавно-приватното партнерство (кое е сè, само не јавно-приватно партнерство) во детската кардиохирургија бидејќи договорите за јавно-приватно партнерство се токму управни договори.

И, наеднаш настанува проблем. Јавно-приватно партнерство согласно сите научни теории не постои без договор. А, во случајов со македонското јавно-приватно партнерство во детската кардиохирургија, договор воопшто нема! Барем јавноста не слушна за него, не беше распишан јавен повик за негово склучување и заштитните клаузули за државата (јавниот интерес) вообичаени за овие договори не ги гледаме, ниту чувствуваме. Оттука, без договор, нема ни јавно-приватно партнерство. Договорот е правен акт кој содржи правни норми со кои се уредуваат правата и обврските на двата субјекта – државата и приватниот субјект. Без договор, нема право. Без право, има анархија и хаос. Во такви услови губитници се најчесто граѓаните, јавниот интерес е оштетен.

За што всушност зборувам? За истото за кое зборував во јануари кога по медиумите се спроведуваше кампања за наводното јавно-приватно партнерство со кое детската кардиохирургија што претставува дејност за чие спроведување е одговорна државата (таа е должна на своите граѓани да им ги обезбеди услугите од дејноста) беше трансферирана во една приватна здравствена установа? Зборувам за едно големо ништо! Зборувам за тоа дека не може да се пренесе здравствена дејност од надлежност на државата во надлежност на приватен субјект на „жими мајка“, со прес-конференции по телевизии и со најобична продажба на лекари од јавниот во приватниот сектор. Зборувам за тоа дека не може вакви „зделки“ да се прават без правна процедура, без склучување на обемен, сеопфатен, прецизен и полн со заштитни клаузули управен договор за јавно-приватно партнерство.

Не може ни да се очекува вакви правни финеси да знае министер за здравство, одличен доктор, хирург, специјалист и исто толку голем непознавач на правото. Не може, во целиот сектор здравство, во целата владина служба, да нема правник кој ќе затропа силно на вратата на министерот и ќе му каже дека колку и да е идејата добра, потребна е процедура (правна) за таа да се спроведе. А, тој не ја спровел. Не може после фијаското што овој потфат, самонаречен „јавно-приватно партнерство“, го доживеа на очиглед на цела јавност да излезат некои „пи-ари од правници“ од Министерството за здравство со штуро соопштение да тврдат дека ова бил „некласичен“ модел на јавно-приватно партнерство. Наместо тоа, треба да следува одговорност. На сите непрофесионалци. И дисциплинска и материјална, па ако треба и политичка.

Поради „некласичните“ начини на водење политики, ни се случува после само шест месеци најголемиот проект на јавно-приватно партнерство во здравството да пропадне. Ни се случи единствениот хирург со одреден вид лиценца во државава да биде надвор од јавното здравство (а, беше дел од него пред „некласичниов“ изум на Министерството за здравство) и да не може да биде научен кадар на државниот скопски Медицински факултет (а, беше пред „некласичниов“ проект) и да стане дел од приватниот здравствен бизнис кој нашите граѓани и понатаму ќе го користат, но со плаќање на свои приватни средства. А, претходно го користеа како вработен во државна клиника и асистент во фаза на избор во доцент на Медицинскиот факултет. Од друга страна, средствата од Фондот за здравствено осигурување за операциите на детските срца и понатаму ќе се влеваат во приватна болница, но во неа нема повеќе да работи единствениот лиценциран македонски детски кардиохирург, како што нема да работи ни во македонското јавно здравство. Денес заминува во друга приватна болница каде што ќе ги оперира само оние што можат да си дозвола таква операција, а веќе утре можеби ќе замине во странство. Не разбирам, кој добива, а кој губи со овој „некласичен“ модел на јавно-приватно партнерство?

Ах, едвај го чекам терминот за следна колумна. Заради надежта дека правдата ќе проговори, дека ќе имам задоволство да напишам пофалби и афирмативни критики. Дека крадците ќе го добијат заслуженото без оглед на кои и какви позиции се или биле, а потоа дека правдата ќе се заврти и ќе посегне и кон нестручните и непрофесионалните, зашто тие се почвата која овозможува да виреат алчните и измамниците.