Нека не ти е мака што не си овде долу, порача Игор Џамбазов на годишнина од смртта на неговиот татко


Една година од смртта на маестро Александар Џамбазов. Неговиот син, Игор, сподели емотивни зборови по повод годишнината. 

-Помина една година. Цела година. За миг. За час. Помина побргу од која било детска песничка што си ја напишал.
Сигурен сум дека си добар таму горе.
И нека не ти е мака што не си овде долу, со нас.
Да ти кажам искрено стари, ништо не си пропуштил.
Медиокритетите и понатаму ни диригираат по сопствени партитури, а ние божем одбиваме да свириме фалш.

Она што вредеше во годинава што летна се љубовта и почитта од луѓето за тебе, изразена во малку солзи и уште повеќе насмевки.

Нема да ти посакам да бидеш добар, оти таму кај што си, не може да ти е лошо. Чувај ми место до клавирот .. – напиша неговиот син. 

Александар Џамбазов е роден на 3 февруари 1936 година во село Стапар, Војводина. Музичка академија завршил во Белград, а целиот работен век го минал во Македонската радио-телевизија, како диригент на Танцовиот и Ревискиот оркестар.

Автор е на голем број детски песни. Беше иницијатор и долгогодишен диригент на фестивалот за деца, „Златно славејче“ во Скопје.

Џамбазов има реализирано безброј снимки и концерти во живо. Настапувал во земјава и во странство а добитник е на голем број стручни награди.

Пишувал сценска музика и филмска музика („Мементо“, за драмите „Мајка“, „Двајца на нишалка“ итн.) и повеќе дела од класичната музика, меѓу кои и „Рапсодија за Скопје“ – за пијано и оркестар (1966), „Седум танцови варијации“ – за пијано и оркестар (1977) и др. Компонирал и хорски композиции, како и голем број популарни мелодии.

За својата работа доби над 40 награди и признанија во Македонија и Југославија, меѓу кои и државната награда „11 Октомври“ и наградата на Град Скопје „13 Ноември”.