“Нека јадат ружи” : Овој 8 март протест и бојкот за слобода и автономија од силеџискиот систем


Фото: Б. Грданоски

Оваа година 8-мо мартовскиот протест е под мото “Нека јадат ружи” и повикува на протест и женски бојкот. Од 13 часот, пред Универзална. Подолу интегрално соопштението за протестот:

✊ Овој 8 Март не сакаме ружи. Што ќе ни се ружи ако немаме за леб?

Овој 8 Март прогласуваме ЖЕНСКИ БОЈКОТ – за слобода и автономија од силеџискиот систем.

Не е време за симболични гестови и излитени фрази. Живееме во нехуман и неодржлив систем базиран на системско силеџиство што ни ги окупира животите и ни ги ограничува одлуките и можностите, сегашноста и иднината. А во кризи, товарот паѓа на жената. Токму затоа, велиме, не сакаме ружи, туку повикуваме на феминистичка борба за слобода, солидарност и автономија.

Овој 8 Март, со почит кон досегашните победи на жената за родовата еднаквост, но свесни за секојдневните системски недостатоци кои го загрозуваат нашето постоење, ве повикуваме на женски марш и на солидарен женски бојкот.

На 8 Март повикуваме на бојкот на големите маркети, ланци и трговските центри кои преку вештачки наметната инфлација нѐ доведуваат до раб на егзистенција. А за да ја истакнеме вредноста на сè што секојдневно правиме во домот, овој 8 март ги повикуваме жените на бојкот на домашните обврски.

Овој 8 Март, жените ќе одморат од пазарење, готвење, чистење, чување деца и од општата и севкупна организација на животот. Овој 8 Март сите заедно ќе му се спротивставиме на силеџиството на овој систем и ќе ги сопреме неговите запчаници, барем на еден ден.

Овој 8 Март, ве повикуваме да марширате заедно со нас, со почеток во 13 часот пред Универзална сала, каде што ќе одадеме почит на жртвите на овој систем и по нашето обраќање ќе продолжиме по предвидената рута. Маршот традиционално ќе го завршиме во Паркот Жена борец, со обраќање до јавноста и институциите.

Овој 8 Март бојкотираме и маршираме!

* Во наредните денови ќе споделуваме информации за бојкотот и маршот, заедно со дополнителни активности.

* Ве охрабруваме да земете со себе реквизити со кои ќе бидеме погласни: свирчиња, тенџериња и дрвени лажици, светлечки батерии, транспаренти.