Нејмар побара да го напушти ПСЖ


 

Нејмар побара трансфер од ПСЖ. Оваа вест прв ја објави угледниот француски L’Equipe, а набрзо ја пренесоа и сите поголеми светски медиуми. Бразилскиот фудбалер веќе некое време не е среќен во Париз, постојано се пишува дека би можел да го напушти клубот, а сега и официјално стави до знаење дека тоа е неговата цел.

Неодамна беше откриено дека Нејмар ѝ бил понуден на Барселона, но дека каталонскиот гигант ја одбил таа понуда. Со Барселона, меѓу другото, Нејмар освои две шампионски титули во Шпанија и Лигата на шампионите, одигра 186 натпревари со учинок од 105 гола и 76 асистенции, по што замина во ПСЖ.

Незадоволен од ситуацијата во ПСЖ, тој побара од својот агент да преговара со Барса, но неговата идеја за враќање беше одбиена. Англискиот портал „Гол“ (Goal) детално пишуваше за овој потенцијален трансфер и објасни зошто Барселона решила да ја прескокне можноста да го врати Нејмар во тимот.

„Гол“ пишува дека зад ваквата одлука на Барселона стојат две причини. Првата се однесува на финансиите. Барселона е во тешка финансиска ситуација и тешко може да му ги понуди на Нејмар парите што ги добива во ПСЖ и кои може да ги добие на друго место. Моментално настапува за ПСЖ со кого е под договор до летото 2025 година за 40,8 милиони евра по сезона.

Втората причина се однесува на атмосферата во тимот. Клубот смета дека доаѓањето на таква ѕвезда може да ги наруши односите меѓу играчите и дека потоа може да влијае на перформансите на тимот во сезоната во која Барселона ја брани титулата во Шпанија.