Неизвесно дали Ѓоковиќ ќе може да игра на Индијан Велс


Новак Ѓоковиќ е на списокот на пријавени играчи на Индијан Велс, но не е сосема сигурно дека ќе игра на овој турнир кој ќе се игра од 10 до 20 март.

Организаторите на турнирот најавија дека сите тенисери мора да бидат вакцинирани.

„Со оглед на тоа дека здравјето и безбедноста се приоритет, турнирот ќе бара доказ за целосна вакцинација за влез во тенискиот комплекс Индијан Велс.

„Насоките за играчите се регулирани со протоколите воспоставени од ВТА и АТП и ограничувањата поставени од САД за влез на меѓународни патници во земјата“, стои во официјалното соопштение на организаторите на турнирот, кое го пренесуваат српските медиуми.
Освен Индијан Велс, под знак прашалник се и настапите на Ѓоковиќ на Ролан Гарос, Вимблдон и УС Опен, но тоа најверојатно ќе го одреди епидемиолошката состојба во мај, односно јуни и август, кога ќе се одржат овие Грен слем турнири.

На српскиот тенисер веќе му беше одбиено учеството на Австралија опен на почетокот на годинава, а освен тоа, му беше изречена забрана за враќање во Австралија во следните три години.

Но, се чини дека ќе има можност да се обиде со одредени законски процедури да биде ублажена оваа одлука и да добие виза догодина доколку ситуацијата не е идентична со годинава.

Засега е само извесно дека Ѓоковиќ ќе игра на турнирот во Дубаи од 21 до 26 февруари, а тој турнир може да му донесе 500 АТП бодови. Се разбира, ако го освои.