Нехамер ја критикува ЕК поради недејствувањето за зголемениот број мигранти во Европа
Германија– Австрискиот канцелар Карл Нојхамер остро ја критикуваше Европската комисија заради недејствувањето во врска со големиот раст на бројот на мигранти.
„Очекувам Европската комисија да почне да дејствува, бидејќи се повеќе членки на ЕУ се незадоволни“, изјави Нехамер во интервју за германскиот весник „Велт“.
Тој праша зошто ЕК како заштитник на сите договори конечно не се справува со постојаното кршење на правата на ЕУ, кога во Австрија доаѓаат толку многу нерегуларни мигранти кои претходно минале низ неколку земји членки на ЕУ и безбедни трети земји, без да бидат запрени.
Европската комисија, вели тој, за жал, во изминатите години ја испушти од вид надворешната граница на ЕУ, што е полна со дупки.
„Фронтекс мора конечно ефикасно да ја заштити надворешната граница на ЕУ и да биде ѕид за членките и против шверцерите на луѓе. Дополнително, Европската комисија мора да се погрижи земјите на потекло на илегалните мигранти што е можно поскоро да ги вратат нивните граѓани“, подвлече Нехамер.
Во врска со поскапувањето на енергенсите, австрискиот канцелар ги критикуваше националните мерки во врска со „кочницата“ за цената на бензинот.
„Ваквата мерка може да се организира само на европско ниво. Националните мерки не се корисни, бидејќи можат да влијаат на конкурентноста на пазарот“, објасни Нехамер.