Неговото име ќе остане симбол на уметничката слобода на истрајноста во творењето: Комеморација за Коле Манев


Фото: Б. Грданоски

Без разлика дали работеше во сликарството, културата или литературата неговите дела ја доловуваат душата на неговото време и ја пресликуваат секоја болка, секоја радост и секоја надеж, а неговото творештво говори за универзалноста на неговите величини и изрази, беше посочено на денешната комеморативна седница во Националната галерија Даут пашин амам за уметникот, режисер и писател Коле Манев (1941 – 2025), кој почина на 22 јануари годинава.  

-Денеска му оддаваме почит на еден од најзначајните уметници од нашата земја, на човекот кој со своето творештво остави неизбришлива трага во македонската ликовна уметност. Зад себе остави галерија на дела во кои го отсликуваше духот на времето во кое живееше. Неговото име ќе остане симбол на уметничката слобода на истрајноста во творењето, рече министерот за култура и туризам Зоран Љутков на комеморацијата.

Фото: Б. Грданоски

 

Нагласи дека Коле Манев зад себе остави импресивно наследство со кое, како што кажа, ќе остане секогаш жив и ќе ги инспирира уметниците, а Министерството за култура и туризам ќе продолжи да го чува наследството на Манев затоа што мора и заслужува да биде почитувано од сите нас.

Ана Франговска од Националната галерија посочи дека Манев е визионерски уметник чиј живот и дело оставаат неизбришлива трага во македонската и светската уметност.

– Неговите потези со четка исполнети со сурови емоции и длабочина зборуваат многу за болките, надежите и издржливоста на човештвото, рече Франговска и истакна дека неговите дела се вклучени во постојаната поставка на Националната галерија на македонската уметност од 20. век. 

Го посветил сиот свој живот, како што рече, на реализмот и фигурацијата, експериментирајќи во областа на надреалниот геополитички реализам, па дури во аспектите на хиперреализмот. 

 

– Неговото дело не беше само уметнички потфат, туку искрено сведоштво за страдањето на раселените луѓе, болката по Егејот и потрагата по идентитетот. Преку неговата мајсторска употреба на боја, композиција и експресија ја покажува човечката состојба. Секоја од неговите слики раскажува приказна за копнеж, разделба и непокорниот  дух на оние кои ја издржале разделеноста, рече Франговска.  

Манев беше врвен портретист, за што сведочат многубројните портрети кои висат во приватните колекции на колекционерите ширум земјава и во странство, но и портретите на преродбениците што се наоѓаат во нашата највисока научна институција – Македонската академија на науките и уметностите – МАНУ, исто така и портретите на најзначајните македонски писатели што се изложени во седиштето на Друштвото на писателите на Македонија – ДПМ. 

Тој беше автор на над дваесетина самостојни изложби, учествувал на мноштво групни изложби, член на ДЛУМ од 1974 година, во еден период и претседател на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, награден со многу награди за своето сликарство.Во 2006 година Министерството за култура на Република Франција го прогласува за почесен витез од областа на културата и творештвото.