Негативни камати: Банките во Хрватска ќе им наплаќаат на компаниите за чувањето евра на нивните сметки


Негативните каматни стапки на депонирани пари во банка пристигнаа во Хрватска, за сега банките ги нарекуваат такси за чување пари на сметки, ги наплатуваат или ќе започнат да ги наплатуваат исклучиво на правни лица и само на сметки и депозити во евра.
Хрватската народна банка за Нови лист потврди дека оваа практика, која веќе некое време е на сила во еврозоната, стигнала во Хрватска, но тие не откриваат кои банки прибегнале кон тоа и во кој обем, пренесува регионалниот бизнис портал СЕЕбиз.

Уште на крајот на минатата година, банките во Хрватска започнаа да ги зголемуваат разните давачки за клиентите, и за компаниите и за граѓаните, некои воведоа нови провизии, а сега на хрватскиот пазар влегува и негативна каматна стапка.

„Хрватската народна банка е свесна за намерата на некои комерцијални банки да започнат да наплатуваат такси за чување средства на сметки во евра за корпоративните клиенти. Според најавите на банките, таквите надоместоци ќе се пресметуваат како процент од износот што се чува на сметката. Важно е да се нагласи дека досега добиените информации се однесуваат исклучиво за сметки на правни лица во евра, а не за сметки на физички лица или сметки на куни“, наведува ХНБ.

Откриваат и дека деловните банки ја објасниле намерата со „плаќање на негативна каматна стапка на средствата во евра што и самите ги имаат во комерцијалните банки од еврозоната, но исто така и кај ХНБ во системот TARGET2-HR“.

„Следејќи го наведеното, комерцијалните банки ги поднесуваат трошоците за чување средства во евра веќе подолго време, поради што овие надоместоци се воведуваат со цел да се надоместат трошоците на кои се изложени“, велат во одговорот од централната банка.

Поедноставно кажано, хрватска банка која има депозити во нејзината банка – мајка во еврозоната, има негативна каматна стапка, односно матичната банка ѝ наплатува провизија, а таа, пак, одлучува сега да наплаќа таков надоместок на хрватска компанија која има евро сметка.

Ако надоместокот што банката го наплатува или ќе го наплаќа, во повеќето случаи од 1 мај, е поголем од каматата што ја добива компанијата затоа што чува пари во банка, на крајот таа има негативна каматна стапка.

На прашањето дали ваквите постапки од страна на банките се легални или не, одговорот на ХНБ се сведува дека бидејќи во моментов не постои судска пракса по ова прашање, не може да се исклучи ризикот судовите да заклучат дека банките ги заобиколуваат правните норми, односно онаа што вели дека тие се должни да плаќаат камата на депозитите на нивните клиенти.