Негативна одлука на комисијата за правни прашања за Трочањи


Мнозинството членови во комисијата за правни прашања гласаше против кандидатурата на унгарскиот кандидат за комесар, Ласло Трочањи, поради конфликт на интереси.

Комисијата гласаше и против романската кандидатка Рована Плумб.

Се очекува сега реакција на претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејн.

Негативната одлука за овие двајца кандидати теоретски значи дека тие нема да можат да бидат сослушани од Европскиот Парламент и дека нови кандидати треба да бидат предложени од овие две земји. Но, бидејќи оваа процедура првпат се користи во ЕУ, нејасно е каква позиција ќе заземе претседателката Фон дер Лејн.

– Повеќе опции се можни сега, ние велиме дека има конфликт на интереси и дека ние не можеме да ги одобриме кандидатурите на овие двајца комесари, на претседателката на ЕК е да одлучи за идниот чекор, но од наша страна гласањето е многу јасно, изјави Манон Обри, членка на комисијата за правни работи.

Трочањи и Плумб имаат конфликти на интереси кои не им овозможува да бидат европски комесари. Ставот на комисијата е дека не може да им бидат доделени други портфолија и дека овие двајца кандидати не се способни да ја извршуваат онаа функција.

– Ова е преседан, првпат комисијата за правни прашања се изјаснува за конфликт на интереси на кандидати, би било интересно да се види како ќе реагираат претседателите на Европскиот Парламент и на Европската Комисија, затоа што ако утре ни кажат дека сепак ќе се одржат сослушувањата или дека тие имаат различно толкување, тоа ќе значи дека не се почитува јасниот став на нашата комисија, додаде Обри по состанокот.

Се очекува наскоро да реагира Европската Комисија, но, доколку се почитуваат правилата, тогаш Ласло Трочањи и Рована Плумб не можат да ја вршат функцијата комесар.

Деталите од денешните испрашувања сѐ уште не се обелоденуваат, пратениците сега ќе им испратат писма на двајцата кандидати каде се образложува негативната одлука.

Сомнежот за Ласло Трочањи е поврзан за договорите кои ги склучувала владата во која тој беше министер за правда со адвокатската фирма што ја засновал.