Неформален состанок на министрите на ЕУ за содржината на идните пристапни договори


 

Ирското претседателство со Советот на Европската унија ќе организира неформален состанок на министрите на ЕУ за европски прашања на 3 и 4 септември во Даблин, а една од главните теми ќе биде проширувањето на ЕУ. На состанокот ќе се приклучат и министри од девет земји-кандидатки.

Во соопштението се наведува дека, меѓу другото, темите на состанокот ќе бидат Повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ за периодот 2028-2034 година, проширувањето и зајакнувањето на демократската отпорност на ЕУ.

Според ирското претседателство, на министрите на ЕУ ќе им се придружат министри од девет земји-кандидатки и потенцијални кандидатки за време на првата работна сесија на 4 септември, за да разговараат за тоа како можат да изградат административен капацитет за полесно исполнување на барањата за пристапување кон ЕУ.

„За време на втората работна сесија за проширување, министрите на ЕУ и комесарката за проширување Марта Кос ќе разговараат за заштитните мерки што би можеле да бидат вклучени во идните пристапни договори, пред стратешката дискусија за проширувањето што се очекува на следниот состанок на Европскиот совет во октомври“, се вели во соопштението на претседателството.

Во соопштението за медиумите се оценува дека состанокот се одржува во критичен момент за процесот на проширување на ЕУ и дека неформалниот состанок на министрите за европски прашања ќе се фокусира на тоа како ЕУ најдобро може да ги поддржи земјите-кандидатки и потенцијалните кандидати на нивниот пат кон членство.