Притворени Нефи Усеини и неговиот брат


Советникот во општина Охрид од редовите на ДУИ, Нефи Усеини и неговиот брат Ибро, од пред околу половина час се во притвор во Охрид, потврдија за „Независен“ од Министерството за внатрешни работи. Се дознава дека тие сами се пријавиле за издржување на мерката притвор.

Од МВР велат дека натамошни информациии треба да се бараат од Обвиниетелството.

Браќата Усеини беа недостапни за органите на прогонот речиси цела недела, откако  Основниот суд во Охрид го прифати предлогот на обвинителството и им одреди мерка притвор на бизнисменот и советник во општина Охрид од редовите на ДУИ, Нефи Усеини и на неговиот брат за тепачка во Охрид.

На двајцата им беше одредена мерка осумдневен притвор, но изминатите денови беа недостапни на полицијата која трагаше по нив.

СВР Охрид до надлежното Јавно обвинителство поднесе кривична пријава против браќата Усеини поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „насилство“ и „неовластено држење на оружје или распрскувачки материјали“ за инцидентот што се случи во хотел во центaрот на Охрид, каде беше нападнат охриѓанецот Спирко Топалоски.

Неколку дена подоцна Топалоски ја промени изјавата и рече дека со Нефи се добри пријатели, а оружје при нивната средба немало, туку само му се причинило.

Во меѓувреме, додека полицијата трагаше по браќата Усеини, Истражувачката репортерска лабараторија (ИРЛ) објаи дека Усеини отворил нова фирма во Битола за производство на градежни материјали. Фирмата „Бетон 2020 Н и О“ ДОО Битола е партнерска заедно со битолчанецот Оливер Тиловски, а Нефи Усеини е нејзин управител, објави ИРЛ.