Нефи Усеини ги боксува институциите – тие чекаат партиски амин!


„Охридскиот бисер“ на ДУИ, Нефи Усеини, никако да се симне од насловните страници на медиумите. Тазе излезен од партиската школка, барем за поширокиот дел од јавноста, јавно се гордее со своите тешко стекнати дивоградби и притоа лесно решава работите да ги расчистува со закани и тупаници.

Човекот чијашто фирма „Нефи Ик“ за две години, од општинските претпријатија, добила 8 тендери во вредност од над 225.000 евра, неодамна физички се пресмета со советникот од Беса, Џемал Мена, а завчера го нападна професорот Илјаз Илјази, бидејќи како претседател на куќен совет пријавил во „Водовод“ дека имаат проблем со водата, а екипи утврдиле дека некој на диво се приклучил на нивната мрежа. Ова е трет напад за неколку месеци каде што учествува Нефи Усеини. Во април го нападна инспекторот од Скопје кој беше заминат во Охрид за да изврши увид во дивоградбата на охридскиот советник.

Дел од јавноста жестоко реагира што културата на неказнивост за кривични дела кон политички службеници продолжува и станува неподнослива. Партиското насилие, за жал,  си трае, а институциите си молчат.

 

По инцидентот „заиграле“ телефоните. Задоцнето или не, партијата веројатно почнува да ги чувствува тупаниците на Усеини и во својот стомак, бидејќи дополнително го ронат и онака нагризениот партиски рејтинг.

„По завчерашниот инцидент воспоставивме комуникација со Охрид. ДУИ нема да поддржи или да заштити никого“, вели вицепремиерот Бујар Османи на  прашањето дали по инцидентот ДУИ ќе го исклучи од партијата Нефи Усеини. И во делот на дивоградбите, додава тој, пораката е да се почне со неселективно рушење на сите дивоградби, не само во Охрид, туку и низ целата држава доколку е прекршен законот.

„Одговорот што го добивме од таму беше дека доколку се почне со неселективно рушење на дивоградбите, ќе ја имаме честа да почнеме од него со рушење. Зошто го кажувам ова, бидејќи неселективниот пристап е најважен. Нема потреба да се партизира и политизира оваа работа. Секој си носи одговорност за постапките“, вели Османи.

Политичките аналитичари посочуваат дека институциите мора да реагираат без да чекаат амин од ДУИ која, пак, според нив, неуспешно се обидува да направи длабока внатрепартиска реформа. Жалните изданоци за кои сега се зборува во јавноста, велат, се всушност производ на партијата која очигледно сега нема сили (под претпоставка да сака) да се справи со отровот што самата го создала за да се одржи 11 години на власт.

Тие нагласуваат дека меѓу проблематичните отскокнуваат повеќе членови меѓу кои и Беќир Асани, кој како предводник на чаирското крило последен пат имаше јавен настап по инцидентот со полицајката, која наводно самата се повреди додека му асистираше на „пајакот“ за да го дигне неговото возило. Секако, не станува збор само за лошиот впечаток во јавноста што го оставаат локалните функционери на ДУИ, туку и за сериозно лошите односи меѓу струи во партијата што знаат да резултираат и со убиства. Се паметат крвавите пресметки во Мала Речица, Куманово, Струга… кои партијата невешто се обидуваше да ги прикрие како инциденти што немаат врска со ДУИ. Затоа и веќе отворено се поставува дилемата – ако Али Ахмети беше суверен во ДУИ, дали е и сега така?

„Случајот со советникот Нефи Усеини треба соодветно да биде процесуиран и доколку постојат докази за насилство, недолично и противзаконско поведение, тој треба да понесе одговорност, а по аналогија партијата да се дистанцира од него“, вели политичкиот аналитичар Ќенан Алиу.

Партијата, според него, реално не може да го контролира однесувањето на секој нејзин член. Но, опасно е, нагласува тој, кога сето тоа ќе земе замав и ќе се претвори во матрица во која насилството станува основа за политичко дејствување.

„Она што е огромен проблем кај ДУИ е што од проектот ‘Вистината за Македонија’, но и сега од ‘бомбите’ што во јавноста ги емитира Шеќерим Ахмеди познат како Ел Чека, произлегуваат јасни индиции дека политичките првенци на партијата се однесувале крајно некоректно и против законот. Тие се врвот на ледениот брег на криминалното работење. Во таков случај вие не можете да претставувате пример никому ниту, пак, да поседувате кредибилитет да критикувате нечие друго однесување. На тој начин, болеста неминовно се шири и произведува фантомска моќ и во други инстанци и пониски партиски ешалони“, вели Алиу, кој нагласува дека „бомбите“ на Ел Чека имаат исклучително влијание врз имиџот и авторитетот на протагонистите на партијата и дека ДУИ ќе биде строго казнета од граѓаните на следните избори.

„Не постои сила што може да го врати имиџот на овој политички субјект. Со овие материјали протече менталната и духовната матрица на протагонистите под куполата на ДУИ. Овој политички субјект треба што е можно поскоро да биде ослободен од сите оние што се фатени и на конгресот партијата треба да се консолидира со млади кадри. Ако ова не се случи, ДУИ ќе биде строго казнета од страна на граѓаните на избори, кога и да се случат тие“, истакнува Алиу.

Наум Котевски

 

Екогерила: Ќе ги известиме сите амбасадори за насилството

 

Движењето „Екогерила“ остро ги осудува нападот и заканите што беа упатени кон Илjаз Илjази од општинскиот советник на ДУИ, Нафи Усеини.

„Високо го цениме придонесот што Илjаз Илjази го дава како наш надворешен советник и експерт за прашања поврзани со загадувањето на животната средина и изразуваме сериозна загриженост дека владеењето на правото во нашата земја е далеку под очекувањата на граѓаните“, се наведува во соопштението на ова движење. Во него се додава дека реакција ќе биде испратена и до меѓународните организации и амбасади како потсетување дека еден од клучните услови за почнување преговори со ЕУ се судската реформа, борбата против корупцијата и организираниот криминал и владеењето на правото. Воедно, од „Екогерила“ ги повикуваат Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи итно да одговорат и да ги казнат сторителите, без разлика на политичката поддршка што можеби ја имаат.

 

Aлијанса за Албанците: ДУИ и СДСМ се обидуваат да ги прикријат кривичните дела на Усеини

 

Согласно со Законот за градба, нелегалното градење претставува кривично дело. Во случајов иако е познат сопственикот на објектите, против него не се преземаат никакви правни мерки: не му се рушат  бесправно изградените објекти и не се гони кривично. Дури и градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски, иако е должен да го спроведе законот, се обидува да ги прикрие делата на Нефи Усеини и да му помогне да спроведува планови, велат од Алијансата на Албанците. Тие прашуваат до кога институциите ќе молчат.

„Општината молчи за нелегални узурпации и приклучоци. Сите молчат и се преправаат како ништо да не се случило. Со полна уста зборуваат за спроведување на законот, но продолжуваат со старата песна. Кога станува збор за моќниците од ДУИ, тогаш може да се користи само аргументот на сила и никому ништо, за неколку дена сè ќе биде заборавено. Алијансата за Албанците ги повикува надлежните органи да преземат соодветни мерки во согласност со законот. Ја повикуваме полицијата да постапи согласно со законот, против употреба на насилство врз невини лица кои уредно пријавуваат неправда и незаконска узурпација, а во замена се напаѓаат физички и им се заканува со смрт. Доста со бандитизми и заштита на локалните шерифи по секоја цена. Последен момент е во оваа држава, законот и правилата еднакво да се применуваат за сите граѓани“, велат од опозициската албанска партија.