Недостигот на стручен кадар за компаниите е поголем проблем од корона вирусот


Директорот на Делегацијата на германското стопанство во Македонија, Патрик Мартенс оцени денес дека корона вирусот претставува опасност за целата економија во светот, а не само за македонското стопанство. Тој смета дека без оглед на застојот кој може да го предизвика, стопанството во земјава за кратко време ќе може да се опорави. За него поголем проблем во моментов со кој се соочуваат компаниите е недостигот на стручен и квалификуван кадар.

„Корона вирусот е глобална закана и тој нема да предизвика застој само во македонското стопанство, туку и во економиите во целиот свет“, рече Мартенс пред панел дискусијата која Делегацијата на германското стопанство ја одржа со ВМРО-ДПМНЕ на тема „Шанси, очекувања и предизвици за стопанството во 2020“. Тој нагласи дека сега, сепак, е најважно да останеме со студени глави.

„Поголемиот проблем со кој се соочуваме во моментов е недостигот на стручен квалификуван кадар. Како Делегација на германското стопанство се обидуваме да помогнеме преку проектот за дуално стручно образование што го имплементираме во земјата“, рече Мартенс.

Ваквите панели, како што објасни Мартенс, се можност претседателите на големите политички партии да зборуваат пред членките на здружението и пред инвеститорите во земјата, да ги претстават нивните економски програми, а од друга страна, бизнисмените можат да постават прашања за плановите и приоритетите на партијата.

Мартенс очекува, без оглед кој ќе ја води државата во наредните четири години, да продолжи  политиката која ќе биде пријателски настроена кон инвеститорите бидејќи, како што нагласи  тие се оние кои отвораат нови работни места, а државата за возврат има добивка од даноците што тие ги плаќаат.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски рече дека за успешна економија приоритет е реформираното правосудство.

„За да имаме успешна економија, ние мораме да имаме успешно реформирано правосудство, а не вакво кое што од  Сваровски прерасна во Луј Витон правосудство. Така, инвеститорите, без разлика дали доаѓаат од надвор или се од Македонија ќе можат да се чувствуваат сигурни во сопствените инвестиции“, рече Мицкоски.

Еден од приоритетите е и вложување во образованието, во кадарот односно во човечкиот потенцијал кој потоа како држава ќе го понудиме на јавниот сектор односно на бизнис заедницата.

„Како што можевте да чуете и од соговорниците од Германија, се соочуваме со апокалиптично сценарио каде што високо образованиот и помалку образуван квалификуван кадар ја напушта Македонија и компаниите на тој начин остануваат без реална поддршка која што ќе овозможи раст на бизнисот. Ние како држава, пак, остануваме со помалку платени даноци кои потоа би можеле да ги инвестираме во други сектори, меѓу кои и во здравствениот сектор“, рече Мицкоски.

„Последниве пет години повеќе од 5.000 доктори и медицински персонал ја напуштиле Македонија“, рече Мицкоски, додавајќи дека таквата политиката треба веднаш да ја спречиме и со нови политики мерки тие луѓе да ги вратиме назад.

Најголем број од ваквиот кадар заминува во Германија, тоа може уште повеќе да се интензивира по 1 март, бидејќи од тогаш ќе стапат на сила мерките со кои Германија ќе го олесни пристапот до тамошниот пазар на труд.  Овие проблеми, како што додаде, биле нерешени и се ставале под тепих во  изминатите 29 години, но сега „дојде денот кога тепихот набабри и е пред експлозија“.