Недостигот на чипови го попречува производството на лаптопи и паметни телефони


Производителите на автомобили и електронски уреди, од телевизори до паметни телефони, предупредуваат на глобален недостиг на чипови што предизвикува доцнења во производството, и тоа во време кога потрошувачката закрепнува од кризата предизвикана од корона вирусот.

Проблемот има неколку причини, велат раководителите на индустријата и аналитичарите, вклучително и пожар во една јапонска фабрика за чипови, затворање на погони за да се спречи ширење пандемија во Југоисточна Азија и штрајк во Франција.

Друга краткорочна причина за недостаток на чипови беше натрупување на залихи на телекомуникацискиот гигант Хуавеи, пред стапувањето во сила на санкциите на САД кон неговите добавувачи во средината на септември.

Но, најголемиот проблем се недоволните инвестиции во фабрики за производство на 8-инчни чипови, главно во сопственост на азиски компании, кои не го следеа побрзиот пораст од очекуваниот за 5G телефони, лаптопи и автомобили, пренесува порталот СЕЕбиз.

„Имаме недостиг на компоненти за целата електронска индустрија“, вели Дони Занг, извршен директор на кинескиот „Санд енд вејв“, кој посочува на проблем со набавка на микроконтролери, клучен за паметните слушалки на кои работат во моментов.

„Првично, планиравме да го завршиме производството за еден месец, но сега веројатно ќе ни требаат два месеци“, истакна тој.

Еден јапонски снабдувач на електронски компоненти тврди дека нема WiFi и Bluetooth чипови и очекува доцнења повеќе од 10 недели.

Кинеската автомобилска индустрија проценува дека производството на некои кинески производители ќе биде погодено во првиот квартал од следната година поради недостаток на чипови.

Побарувачката на кинеските потрошувачи, особено за автомобили, неочекувано брзо се опорави од кризата со корона вирусот. Во исто време, и порачките за производи како лаптопи и мобилни телефони се зголемија во региони во светот кои сè уште се борат со контролата на пандемијата, како што се Европа и САД.

Растечката побарувачка го зголемува притисокот врз производителите на чипови од 8 инчи. Тајванската фабрика за чипови TSMC е најголемиот светски производител на чипови, следен од Samsung, зад кои се SMIC, GlobalFoundries и UMC, според Трендфорс.

„Се чини дека проблемот е главно во фабриките за чипови“, посочува извор од европската индустрија за полупроводници, додавајќи дека особено под притисок се TSMC и GlobalFoundries.

TSMC, кој ги снабдува Apple и Qualcomm, одби да даде коментар, но нејзиниот лидер оваа недела го опиша капацитетот на компанијата како „тесен“.

Во меѓувреме, GlobalFoundries вели дека инвестира во „јакнење на капацитети за да ја задоволи незабележената побарувачка“. Компанијата планира двојно да ги зголеми капиталните инвестиции во 2021 година за да го зголеми производството.

Јужнокорејската компанија ДБ Хајтек, која го снабдува Епл со чипови за таблети, соопшти дека нивните погони за 8-инчни чипови ќе работат со полн капацитет најмалку во следните шест месеци и очекуваат снабдувањето да биде недоволно до втората половина на следната година.