Недостасуваат 50 отсто од кадарот на медицински сестри


Клинички центар (Фото: Б. Грданоски)

Недостоинствен е статусот на медицинските сестри во државава и час поскоро треба законски да се регулира. Ако се додаде и огромниот одлив на медицинскиот персонал, што значи недостасува 50 отсто од кадарот, ситуацијата станува алармантна, посочуваат од Националното Здружение на медицински сестри, техничари и акушерки на Македонија (ЗМСТАМ), од денешнот прв симпозиум на медицинските сестри инструментарки во Прилеп, а во пресрет на неделата на сестринството.

Според Гордана Бешлиевска, претседателка на здружението на медицински сестри, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“ недостасуваат национални програми, законски одредби и прецизни колективни договори.

-Во овој момент, статусот на медицинските сестри понедостоинствен ми се чини дека не бил. Нашето незадоволство е поради нашата непризнаеност, непрепознаеност во болниците, неплатеност или незадоволството од општествениот статус воопшто, на медицинските сестри, со оглед на тоа дека стартната плата на една сестра е израмнета со минималниот личен доход. Нам ни недостасуваат национални програми, ни треба во колективните договори да биде внесено за да ни биде платено како што треба, што ќе ни оцртаат нашите работни задачи, нашите стурчности. Бидејќи го немаме Законот, ја немаме регулирано професијата па затоа ги имаме овие проблеми во болниците. Тоа во однос на непризнаеноста на школите и секогаш систематизациите се параван во здравствените институции, поради кои не може да им се признаат високите школи, објаснува Бешлиевска.

По ковид- пандемијата имаше масовно пензионирање, а најновиот и најзагрижувачки проблем е што сестрите си заминуваат од својата професија. Поради заминувањето во странство, најмногу во Германија, недостигот е огромен и изнесува 50 проценти.

-Ако стандардите покажуваат дека на 100.000 жители треба да имате до 800 медицински сестри, односно на еден милион – 7 до 8.000, а во моментов сега сме сите околу 8.000 медицински сестри во земјава, во старт недостасуваат 50 проценти. Тоа е многу голем процент и ги оптоваруваат сестрите во болниците. Мора Законот, кој по 32 години го истакнавме, треба да се донесе и да ги постави основите во образованието, стратегијата, компетенциите и признавањето на медицинските сестри, вели Бешлиевска.

Медицинските сестри, инструментарки, ја објаснуваат тешката ситуација за работа на сестрите во болниците. Најголемиот проблем останува иселувањето.

– Се соочуваме со голем дефицит на медицински сестри. Најбитно е да се подобрат условите за работа, подобри плати и подобар животен стандард, вели Елизабета Настеска, медицинска сестра од Прилеп.

-Најмногу одливот е на сестрите со високо образование. А коефициентите прават раздор меѓу колегите. Недостасуваат медицински сестри, а и доктори, па и болничари. Мора да се менуваат работите, смета Гордана Мојсоска, медицинска сестра, инструментарка.

Кети Смилеска, директорка на прилепската општа болница со проширена надлежност апелира на институциите да преземат мерки поради недостигот од медицински кадар, иако се справуваат најдобро што умеат.

-Постојан е недостигот од медицински персонал. Минатата година дел од тој недостаток надоместивме со нови вработувања, но недостигот од персонал останува. Го користам овој повод да ги повикам надлежните иституции да имаат поголем осет за потребите на здравствените институции, изјави Смилеска.

Розе Рулеска Пиличева, главна сестра во општата прилепска болница, ја нагласува важноста на обуките.

-Денешниот симпозиум е само увод во неделата на сестринството. Работиме на едукација на кадарот, а од вторник ќе ги има за младите доктори и медицинските сестри. Сето е во интерес на подобро здравство, вели Рулеска Пиличева.