Недемократските тези и популистички изјави може да го отежнат стартот на преговорите со ЕУ, предупредува Советот на амбасадори


Фото: Б. Грданоски

Советот на амбасадори одлучно е против настапите на поедини партиски челници со популистички изјави и услови во предвечерјето на официјални разговори за идната коалициона влада и предупредува дека недемократски тези можат повторно да ги забавуват процесите и да го отежнуваат стартот на преговорите со ЕУ.

Во соопштение во пресрет на процесот на формирање коалициона влада, Советот  на aмбасадори и сугерира на идната влада со големо внимание да ги анализира забелешките на ОБСЕ-ОДИХР изнесени во заедничкиот став на Високиот претставник за надворешни работи на Унијата Жозеф Борел и Комесарот за проширување на Унијата Варлехеј и благовремено да се посвети на изработка на нова законска регулатива во која ќе бидат вградени сите забелешки  кои ќе овозможат организирање на  фер и демократски  наредни локални избори.

Советот на амбасадори, исто така, укажува на претстојниот период во кој земјата ќе се соочи со многу сериозни проблеми на економско-финансиски план кој заедно со здравстената ситуација се клучни точки за нашата блиска иднина.

– Затоа, од првите денови  на август кога започнува постапката за формирање влада, граѓаните ќе очекуваат одлуката за учество да ја донесат партии кои ќе бидат цврсто определени за ефикасно и чесно справување со предизвиците кои се пред нас посебно во борбата против  пандемијата на коронавирусот. Определбата на новата влада мора да биде бескомпромисната борба против корупцијата, конечно реформи кои ќе донесат владеење на правото и целосна подготовка за евроинтегративните процеси, се вели во соопштението.

Советот на амбасадори, посочува дека со големо внимание ги следеле предвремените парламентарни избори кои се одржаа во специфичен момент на пандемија.

– Активностите на Државната изборна комисија требаше да бидат на многу посовремен начин реализирани при што Советот смета дека е неопходно да се расчисти случајот со сајберскиот напад и начинот на договарање во четири очи и без тендер при купување на  софтверски системи што е надвор од сите законски норми, укажуваат во соопштението од Советот на амбасадори.

Почитувањето на здравствените протоколи и другите правила за еден ваков значаен настан кога граѓаните одлучуваат со својот глас за својата иднина, се вели во соопштението, ја покажа зрелоста на тие што излегоа да гласаат.

– Успешно дејствуваа и  дел од државните институции и невладини организации во сите фази на изборите. Ги цениме поддршката и донациите на ЕУ и неколку странски дипломатски мисии акредитирани во нашата земја како и позитивните оценки на сите набљудувачи, се вели во соопштението.

Во  Република  Северна Македонија во последните три години се спроведоа првичните и долгоочекувани реформи кои  донесоа  историски решенија посебно на меѓународен план особено во односите со земјите од непосредното соседство. Со овие клучни чекори, се наведува во соопштението од Советот на амбасадори, дефинитивно се потврдија атлантски и европски перспективи прокламирани во првите години по осамостојувањето.