Неделкова, Вангеловски и Иџет Мемети ги аминувале полагањата на спорните правосудни испити


 

Поранешната претседателка на Кривичниот и Врховниот суд, Лидија Неделкова, тогашниот народен правобранител, Иџет Мемети, како и поранешниот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски биле дел од членовите на Комисијата за правосуден испит во 2015 година при Министерството за правда, кога со спорни уверенија од Универзитетот на Југоисточна Европа на студенти им било дозволено да полагаат предвреме правосуден испит, пишува „Фокус“. Покрај нив, членови на испитната комисија биле и  Фаик Арслани, Николчо Николовски и  Александар Алексовски.

Тогашниот министер, Аднан Јашари, одобрувал предвреме да се полага правосуден испит, а членовите на комисијата пред која полагале кандидатите била избрана на предлог на министерот.

Претседателката на оваа комисија, Лидија Неделкова, беше претедателка на Кривичниот суд во време на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа стана и претседател на Врховниот суд. Во 2021 година Судскиот совет ја разреши Неделкова како врховен судија поради ненавремено и несовесно извршување на нејзините работни обврски, повреда на Судскиот деловник, односно Кодекс за судска етика. Таа се тужеше со својот колега Јово Вангеловски, а за своето разрешување се жалеше пред Европскиот суд, којшто ја прифати нејзината жалба.

Иџет Мемети два мандати, односно осум години беше народен правобранител, а по завршувањето на оваа функција веднаш се вдоми како член на Советот на јавни обвинители. 

Јово Вангеловски беше претседател на Врховниот суд, и неговиот глас исто така се слушаше во „бомбите“, односно се слушаше како комуницира со тогашни министри. Исто така му се судеше за злоупотреба на службената положба и овластувања, но е осуден условно доколку во наредните четири години не стори кривично дело.

Тројца од тие во комисијата за правосуден испит без исполнети законски услови сѐ уште се на високи позиции во правосудниот систем. Фаик Арслани е судија во Врховниот суд, а одреден период беше и В.Д. претседател. Николчо Николовски исто така е судија во Врховен суд, беше и претседател на највисокиот суд, но и претседател на Здружението на судии. Всушност сите од членовите, освен Мемети се поврзани со Врховниот суд.

Антикорупциската комисија утврди дека синот на собранискиот спикер, Талат Џафери како и над 400 студенти од Универзитетот на Југоисточна Европа добиле спорни уверенија за завршени правни студии, а на синот на Џафери му било дозволено да полага предвреме правосуден испит. Не се знае на колку од спорните студенти им било дозволено предвремено полагање на правосудниот испит.

Aдвокатот Дељо Кадиев вчера во дебатна емисија на Телма посочи дека во 2013 година важел друг закон кој не го забранувал ваквото предвремено полагање правосуден испит,  но и во него не пишува дека тоа е дозволено.

„Не можам да се сложам дека во законот од 2013 година министерот имал дискреционо право да дозволи предвремено полагање. Тоа никаде во законот го нема. Останува да се замислиме како е дојдено до полагање, доколку е предвремено, а очигледно е предвремено од она што го слушаме во изјавите на сите чинители“, изјави Кадиев.

Тој ја нагласи и „наводната техничка грешка“, верзија што се провлекува во јавноста, во што тој не верува.

„Намерно ја потенцирам ‘наводна техничка грешка’, бидејќи не може некого да измешате по некој стар систем кој што имаше диплома 7/1, 7/2, магистерски 7/3, докторски студии и Болоњскиот систем кој што воведува ЕКТС кредити. Законот е јасен и во едниот и во другиот случај. Не можете да ги помешате тие два случаја. Законот за високо образование вели – да, ќе биде дипломиран и би се стекнал со звање дипломиран правник и со 180 ЕКТС, меѓутоа не може никако да ставите дека имал 7/1 ако студирал по Болоњски систем“, вели Кадиев.

Тој истакна дека настапената неможност за правење на проверки е она што најмногу го загрижува, затоа што тогашниот функционер издал наредба за чување на материјалот само една година.

„Јас го отворив и законот за архивско работење и такви рокови за чување на материјал не постојат. Еве, и ние адвокатите кои работиме и како агенти за регистрација, мораме да чуваме најмалку пет години, па да предадеме документација од регистрација на една фирма во Архивот на Македонија. А, замислете која дискрепанца има од полагање на правосуден испит и регистрација на една фирма“, истакна Кадиев.

Професорот по кривично право, Гордан Калајџиев, оцени дека допрва треба да се разјаснат некои околности.

„Меѓутоа, она што на прв поглед е повеќе од очигледно е дека не е точно дека проблем се законите, како што кажуваше вчера претседателот на Судот во Кавадарци. Не е точно дека има некаков пропуст, многу се мали шансите да има грешка, со оглед за кого се работи и претпоставените можни влијанија. Веројатно се работи за злоупотреба“, истакна професорот Калајџиев.

Она што, според него, е најзагрижувачки е степенот на безобразност на кој што е тоа направено.

„Ова не е прва таква афера. Досега можеби не се кренало толку галама, но се сеќавам дека за премиерот кој е во бегство се зборуваше дека неговата сопруга положила правосуден без да се појави“, истакна Калајџиев.

Спорниот период во кој можеле вака да се полагаат правосудни испити е од 2008 година до 2016 година, барем на тоа укажуваат податоците од истражувањата на Антикорупциската комисија.Министри за правда во тој период биле Блерим Беџети, Аднан Јашари, Валдет Џафери и Билен Салиу кои дошле на функција од редовите на ДУИ. Во тој период со потпис на министер се издавале потврди со кои им се дозволувало на кандидати да полагаат без да исполнат еден од условите пропишани со закон.

Актуениот министер за правда Никола Тупанчевски денеска изјави дека дефинитивно некој функционер го искористил дискреционото право.

„Како што дознав од медиумите, не се работи за еден случај, туку се работи за примена на дискреционо право на именуван функционер. Дефинитивно некој го искористил тоа дискреционо овластување и токму затоа од тие причини законот е изменет за да не постои никаква можност во иднина. Еве јас 10 месеци сум министер, не сум ни помислил да дадам некој предвремено да полага правосуден испит“, вели Тупанчески.

Начинот на кој што се полага правосудниот испит низ годиниве неколку пати се менуваше. До 2014 кандидатите требаше да полагаат усно и писмено, додека со доаѓањето на Аднан Јашари на функција се воведе и електронски систем на полагање.

Од 3 до 5 илјади евра наводно се движел тарифникот за прогледување низ прсти за исполнетост на условите за правосудниот испит или за добиени одговорени прашања пред самиот испит.

„Кога полагаш компјутерски, имаш пристап до отворен систем, може да ти асистираат, да ти помогнат да полагаш или да паѓаш“, изјавил извор од Министерството за правда за РСЕ.