Министерот Адеми на отворање на Неделата на турски филм

Со проекцијата на филмот „Балкајмак“, кој е снимен во Македонија, вечерва во новиот комплекс на Меѓународниот балкански универзитет во Скопје, во 19 часот ќе биде отворена неделата на турски филм. По проекцијата, публиката ќе може да дебатира со дел од екипата на филмот. „Балкајмак“ ќе биде прикажан и следниот ден во киното „Милениум“ во 18 часот.

Министерот за култура Асаф Адеми синоќа се обрати на отворањето на манифестацијата „Недела на турски филмови“, која се реализира со поддршка на Генералниот директорат за кинематографија при Министерство за култура и туризам на Република Турција.

Министерот за култура пред бројните гости, меѓу кои и Тулин Еркал Кара, амбасадор на Република Турција во нашата земја, професори од Меѓународниот Балкански универзитет и други, истакна дека оваа манифестација ќе даде значаен импулс и ќе отвори многу нови можности за соработка меѓу филмските продукции, можности за размена на уметници, режисери, размена на искуства меѓу двете земји.

„Уверен сум дека размената на креативната енергија со нашата публика, која докажа дека знае да распознава вистински вредности, е една од најголемите придобивки за сите автори кои ќе бидат дел од оваа манифестација“, рече министерот за култура.

Во рамките на манифестацијата „Недела на турски филмови“, љубителите на филмската уметност до 26 април ќе можат да уживаат во филмските остварувања од најновата турска продукција, меѓу кои и филмот „Балкајмак“ на режисерот Онур Тан, кој е снимен во нашата земја. На проекциите, гости ќе бидат режисерите и актерите на прикажаните филмови, а ќе биде организирана и кинематографска работилница на која најзначајните имиња од областа на филмската уметност од двете земји ќе имаат можност да разменат мислења и да ја продлабочат меѓусебната соработка во оваа дејност.

Во рамките на Неделата на турски филмови ќе бидат прикажани шест играни и два документарни филма. На проекциите ќе присуствуваат режисерите и актерите на самите филмови, а ќе биде организирана и кинематографска работилница на Турција – Северна Македонија, на која ќе се сретнат најзначајните имиња од областа на филмот на двете земји како можност за продлабочување на меѓусебната соработката оваа дејност. Кинематографската работилница на Турција – Северна Македонија ќе се одржи утре и ќе учествуваат претставници од министерствата за култура на двете земји и познати имиња на филмската дејност од Турција и Северна Македонија.

Во неколку термини ќе бидат прикажани играните филмови од најновата турска продукција „Каос“ (режисер-продуцент: Семир Асланјурек), „Ајдеде – патување кон месечината“ (режисер: Абдурахман Онер; продуцент: Арзу Шенсес Онер) „Хуркуш – херојот на небото“ (режисер: Кудрет Сабанџи), „Халеф“ (режисер: Мурат Дузгуноглу) и „Сите блаженства се возможни“ (продуцент: Зулфиќар Курум).

Двата документгарни филма се „Ѓобеклитепе “ на Огуз Макал и „Тамбурица“ на Сали Салији, исто така со можност за дебата по филмовите со гледачите и авторите.

Неделата на турски филмови свечено ќе биде затворена на 26 април со концертот на „Балканскиот симфониски оркестар на Универзитетот ‘Тракија’ од Турција“, кој ќе се одржи во комплексот на Меѓународниот балкански универзитет во Скопје.