„Недела на полскиот филм“ во Кинотека од 17 до 23 декември


Од 17 до 23 декември 2021 во Кинотеката ќе се одржи „Недела на полскиот филм“, на која ќе бидат прикажани шест филмови од современата полска кинематографија. Манифестацијата, која е во организација на Амбасадата на Полска и Кинотеката, ќе биде отворена со „Не оставајте траги“, филм од 2021 година на Јан Матушински, полски кандидат за наградата Оскар.

– Еколошки тероризам обвиткан со мистеријата на трилер-жанрот, воената состојба во Полска во почетокот на осумдесеттите години на минатиот век и бруталниот однос кон неистомислениците на тогашната комунистичка власт, потрагата по Бога на алтернативен начин, предрасудите на црквата, бракот и семејството, сето тоа – со љубовта некаде помеѓу, се темите на шесте наслови на кинотечната програма, кои ветуваат дека ќе допрат до интересите и вкусовите на секој филмофил, информираат од Кинотеката.

Авторите на филмовите се Агњешка Холанд, Јан МатушинскиЈан КомасаМалгоржата ШумовскаМарија Садовска и Томаш Василевски. 

– Наградите кои ги имаат добиено овие наслови на филмските фестивали во светот се изразени во троцифрени бројки. Три од авторите во оваа репрезентативна селекција се жени, но филмовите на Холанд, Шумовска и Садовска докажуваат дека ним воопшто не им е потребна некоја политика на родова еднаквост, бидејќи квалитетот на нивните дела говори повеќе од сите стратегии, велат од Кинотеката.

Во изборот на оваа Недела на полски филм се „Траги“ на Агњешка Холанд, „Не оставајте траги“ на Јан Матушински, „Тело Христово“ на Јан Комаса, „Обединетите држави на љубовта“ на Томаш Василевски, „Уметноста на љубовта: приказна за Михалина Вислоцка“ на Марија Садовска и „Лице“ на Малгоржата Шумовска