Недела на полски Филм во Кинотека
Од 06 до 10 декември 2023 во Кинотеката ќе се одржи НЕДЕЛА НА ПОЛСКИ ФИЛМ. Ревијата ќе започне со прикажување на филмот ИО на Јержи Сколимовски! / ИО е последниот филм на Јержи Сколимовски, легендата на полското и Европското кино. Тој со овој филм покажува дека има уште што да каже. ЕО е еден од неговите најоригинални и визуелно најинвентивни филмови во неговата шеесетгодишна кариера. Филмот ја освои наградата од жирито на 75-то издание на Канскиот филмски фестивал и влезе во потесниот избор на наградата „Оскар“ за најдобар странски филм во 2023та година.
Полскиот режисер Јержи Сколимовски има кариера која трае повеќе од 60 години, чии филмови од шеесетите години на минатиот век се сметаат за најава на новите естетски тенденции во полската кинематографија. Токму во тоа ќе можат да се уверат филмофилите гледајќи ги неговите филмови во првата половина на месецов. Она што е за одбележување е проекцијата на можеби најценетиот филм на Сколимовски РАЦЕТЕ ГОРЕ, за товарот на сталинистичкото минато на Полска, забранет за прикажување во земјата цели 18 години. Би го споменале и неговиот последен филм, ИО, еден од неговите најоригинални и визуелно најинвентивни филмови со кој Сколимовски покажува дека има уште што да каже.
Отворање:
6 ДЕКЕМВРИ (СРЕДА), 20:00 ч.
ИО
(ЕО)
Игран филм, Полска / Италија
2022, 88 мин., колор, ДЦП
Режија: Јержи Сколимовски (Jerzy Skolimowski)
Сценарио: Јержи Сколимовски, Ева Пјасковска (Jerzy Skolimowski, Ewa Piaskowska)
Улоги: Саднра Джималска, Лоренцо Зурзоло, Избел Ипер, Матеуш Кошчукјевич (Sandra Drzymalska, Lorenzo Zurzolo, Isabelle Huppert , Mateusz Kościukiewicz)
ЕО е последниот филм на Јержи Сколимовски, легендата на полското и Европското кино. Тој со овој филм покажува дека има уште што да каже. ЕО е еден од неговите најоригинални и визуелно најинвентивни филмови во неговата шеесетгодишна кариера. Филмот ја освои наградата од жирито на 75-то издание на Канскиот филмски фестивал и влезе во потесниот избор на наградата „Оскар“ за најдобар странски филм во 2023та година.
ЕО е инспириран од филмскиот класик на Роберт Бресон (Robert Bresson) од 1966 година БАЛТАЗАР, СЛУЧАЈНО (Au Hasard Balthazar). Приказната го следи животот на магарето Ео. Откако ќе биде избркано од патувачки циркус, Ео го започнува своето патување низ кое наидува на секакви луѓе, вклучувајќи италијанска грофица и полски фудбалски тим, доживува радост и болка и се обидува да го најде доброто во животот. За разлика од филмот на Бресон, Сколимовски додава уште една димензија на приказната и ја истражува визијата за модерна Европа низ очите на магарето кое си ја бара слободата.
Возрасна категорија: 16 години
Влезница: бесплатен влез
7 ДЕКЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.
БЕЛЕЗИ НА ИДЕНТИФИКАЦИЈА
(Rysopis / Identification Marks: None)
Игран филм, Полска
1965, 71 мин., колор, ДЦП
Режија: Јержи Сколимовски (Jerzy Skolimowski)
Сценарио: Јержи Сколимовски (Jerzy Skolimowski)
Улоги: Елжбиета Чижевска, Јержи Сколимовски (Elżbieta Czyżewska, Jerzy Skolimowski)
БЕЛЕЗИ НА ИДЕНТИФИКАЦИЈА е деби на прочуениот полски режисер Јержи Сколимовски како и првиот филм од цикусот за судбината на Анджеј Лешчиќ – млад, чувствителен човек, изгубен во комунистичкото полско општество кој очајнички бара излез од безнадежното и бесцелно секојдневие. Анджеј е алтер егото на Сколимовски, и самиот режисер го игра главниот лик. Приказната започнува кога Анджеј се буди рано наутро и ја остава девојка му која уште спие. Тој решава да се откаже од студентскиот живот и да се пријави за регрутација. Филмот ги следи неговите преостанати часови од животот на обичен граѓанин.
Во времето кога се појави, БЕЛЕЗИ НА ИДЕНТИФИКАЦИЈА отвори нови естетски перспективи за полската кинематографија. Составен од само 29 кадри, филмот дава портрет на млад човек од генерацијата млади Полјаци во средината на 1960-тите. Заглавен меѓу различни можности, неконзистентен во своите постапки, со внатрешен немир, главниот лик очајно се обидува да си го најде своето место во светот.
Возрасна категорија: 16 години
Влезница: бесплатен влез
8 ДЕКЕМВРИ (ПЕТОК), 20:00 ч.
БАРИЕРА
(Bariera / Barrier)
Игран филм, Полска
1966, 77 мин., колор, ДЦП
Режија: Јержи Сколимовски (Jerzy Skolimowski)
Сценарио: Јержи Сколимовски (Jerzy Skolimowski)
Улоги: Јан Новицки (Jan Nowicki)
БАРИЕРА е третиот филм на Јержи Сколимовски од 1966 г. во кој тој продолжува со својата опсесија со животите на младите луѓе во комунистичка Полска.
Филмот е психолошка драма чиј херој – еден мад, модерен човек – се обидува да ги надмине бариерите во својот живот: возраста, парите, конвенциите и хиерархијата. Главниот лик ги напушта студиите и животот во студентскиот дом. Неговиот сон е да се ожени со богата жена, да има вила во предградие и автомобил „Јагуар“ во гаража. Сепак, тој запознава девојка која има различни идеали од него. Тоа го принудува да го ревидира својот став кон животот и кон себе си.
Возрасна категорија: 16 години
Влезница: бесплатен влез
9 ДЕКЕМВРИ (САБОТА), 20:00 ч.
ЛЕСНА ПОБЕДА
(Wаlkower)
Игран филм, Полска
1965, 70 мин., колор, ДЦП
Режија: Јержи Сколимовски (Jerzy Skolimowski)
Сценарио: Јержи Сколимовски (Jerzy Skolimowski)
Улоги: Александра Завјерушанка, Јержи Сколимовски (Aleksandra Zawieruszanka, Jerzy Skolimowski)
Во својот втор игран филм ЛЕСНА ПОБЕДА, Сколимовски ја продолжува приказната за неговото алтер его, Анджеј Лешчиќ.
Младиот Анджеј, ги напушта студиите и доаѓа во мало гратче каде ја среќава својата поранешна соученичка Тереза, која сега е менаџер во енергетската централа. Таа му наоѓа работа во фабрика, но, Анджеј исто така е и аматерски боксер кој дошол во гратчето да учествува на локалниот, аматерски боксерски турнир.
ЛЕСНА ПОБЕДА е едно од ремек-делата на полскиот нов бран од средината на шеесеттите години на минатиот век. Тоа е егземпларен пример на филмскиот модернизам кој во дрскоста, отфрлањето на авторитетите и револтот има доста заедничко со филмовите од францускиот нов бран.
Возрасна категорија: 16 години
Влезница: бесплатен влез
10 ДЕКЕМВРИ (НЕДЕЛА), 20:00 ч.
РАЦЕТЕ ГОРЕ
(Ręce do góry / Hands Up!)
Игран филм, Полска
1981, 76 мин., црно бел, ДЦП
Режија: Јержи Сколимовски (Jerzy Skolimowski)
Сценарио: Јержи Сколимовски, Анджеј Костенко (Jerzy Skolimowski, Andrzej Kostenko)
Улоги: Јержи Сколимовски, Јоана Шчербиц, Тадеуш Ломницки (Jerzy Skolimowski, Joanna Szczerbic, Tadeusz Lomnicki)
Петмина млади луѓе повторно се среќаваат во товарен воз, десет години по нивното дипломирање на медицинскиот факултет. Тие се навраќаат на нивното заедничко минато, кога Полска била под сталинизмот.
РАЦЕТЕ ГОРЕ е четвртиот филм од серијата автобиографски филмови во кои познатиот полски режисер Јержи Сколимовски го игра своето алтер его – Анджеј Лешчиќ. Поради прикажувањето на сталинистичкото минато, филмот 18 години беше забранет во комунистичка Полска, што е и главна причина зошто Сколимовски набрзо потоа ја напушта земјата. Новата верзија на филмот е премонтирана и додадени се нови архивски снимки.
Возрасна категорија: 16 години
Влезница: бесплатен влез