Недела на франкофонскиот филм во Кинотека


Со проекцијата на швајцарскиот филм „Блех-музика“ на режисерот Франсоа-Кристоф Марзал, вечер во Кинотеката официјално ќе биде отворена Неделата на франкофонскиот филм, во организација на Францускиот институт во Скопје и Амбасадата на Франција.

Настанот ќе го отвори амбасадорот на Франција Сирил Бомгартнер и амбасадорка на Швајцарија во земјава, Вероник Хулман.

По проекцијата на филмот, ќе следува посета на изложбата на македонската уметница Јана Манева-Чупоска.

Во рамките на Неделата на франкофонскиот филм утре ќе се одржи проекција на бугарскиот филм „Бескрајна градина” на Галин Стоев од 2017 година, а истата вечер подоцна ќе има проекција на романскиот филм „Слобода” на Тудор Гиуригу од 2023 година.

Во понеделник, 18 март, ќе се одржи проекција на албанскиот филм „Делегација” на Бујар Алимани од 2018 година, а следниот ден, во вторник, ќе биде прикажан македонскиот филм „Најсреќниот човек на светот” на Теона Стругар Митевска од 2022 година.

Во среда 20 март ќе се прикажува францускиот филм „Дивертименто” на Мари-Кастиј Мартијон-Шар од 2023 година, а во четврток, 21 март, ќе има проекција на белгискиот филм „Љубезните” на режисерот Оливије Ранже од 2022 година.

Следниот ден, во петок, со грчкиот филм „Ефтихија” на режисерот Ангелос Францис од 2019 година ќе биде затворена филмската недела.

Сите филмови се со превод на македонски јазик, а за филмовите од нефранкофонско говорно подрачје обезбеден е и превод на француски јазик.

Неделата на франкофонскиот филм се одржува во соработка со Амбасадите на Швајцарија, Романија, Белгија, Албанија, Амбасадата Бугарија и Бугарскиот културно-информативен центар, Амбасадата на Грција и Кинотеката на Северна Македонија, а е во знак на одбележување на месецот на Франкофонијата.