Неапол го прогласи Асанж за почесен граѓанин


Градот Неапол го прогласи основачот на Викиликс Џулијан Асанж за почесен граѓанин, објавија денеска италијанските медиуми.

Градоначалникот на Неапол, Гаетано Манфреди, на Стела Морис, сопругата на Асанж, за време на свечената церемонија ѝ врачи плакета за почесен граѓанин, пренесува АНСА.

„Овој гест симболично го претставува градот Неапол, град кој отсекогаш ги бранел сите слободи. Ако сакаме да ја браниме и зајакнеме демократијата, мораме да ја браниме слободата на печатот бидејќи силната демократија се состои од силен печат“, рече Манфреди и им се заблагодари на сите и ги повика да продолжат да се борат „додека Џулијан не биде слободен“.

Асанж (52) во моментот се наоѓа во лондонскиот затвор Белмарш и чека екстрадиција во САД, кои го обвинуваат за шпионажа, објавување доверливи информации за Ирак и Авганистан и дипломатски телеграми во 2010 и 2011 година.