„Не знам зошто овие работи ги ставија во извештајот“: Мицкоски за критиките од Брисел за Кривичниот законик


Фото: Б. Грданоски

 

Премиерот Христијан Мицкоски не може да разбере зошто Европската комисија во годишниот извештај за земјава оценила дека со измените на Кривичниот законик од јануари 2026 година не се надминати во доволна мера штетните последици од измените од 2023 година и дека самите јануарски измени придонеле за правна несигурност. Оценката на ЕК се однесува на одредбите за злоупотреба на службената положба и за злосторничко здружување.

Тој тоа го кажа во гостувањето во „Дневникот“ на Сител. Мицкоски рече дека Владата му објаснила на Брисел зошто морала да интервенира во рокот што го определил Уставниот суд, додека сè уште се подготвувал новиот кривичен законик.

„И затоа ние најдовме едно решение кое што го комунициравме со нив. Не знам зошто вакви работи ставаат во извештајот кога знаат дека ние тоа го комунициравме и рековме ова е времено решение додека го работиме Кривичниот законик со експертите што се предложени од Брисел и додека тој законик биде готов, го испратиме во Брисел и додека добиеме повратно, ова ќе биде за да можеме да го исполниме она што Уставниот суд го бара од нас, за да не дојде до масовна амнестија и буквално анархија во општеството правно. И јас не знам зошто ставаат вакви работи во извештајот кога тие добро знаат за што станува збор“, рече Мицкоски.

Премиерот објаснува едно, а Европската комисија пишува друго во извештајот за напредокот. Комисијата посочи дека повторно е воведена посебна одредба за злоупотреба на службената положба при јавните набавки, но со значително потесен опфат од претходниот. Одредбата опфаќа само две основи, со што, според ЕК, остануваат неопфатени други сериозни манипулации во тендерските постапки. Комисијата забележува и дека јануарските измени не ги решиле соодветно последиците што измените од 2023 година ги имале врз роковите за застарување.

Мицкоски рече дека за извештајот разговарал и со евроамбасадорот Михалис Рокас.

„Извештајот е документ што го прави Европската комисија. Дали е објективен или не е објективен, можеме да дебатираме. Тој е реален документ ставен на маса и ние сега врз основа на тој документ треба да продолжиме да работиме“, рече премиерот.