Не значи дека сме завршиле работа ако Охридскиот регион не биде ставен на листа на загрозени


Не можеме да претпоставуваме каква одлука ќе се донесе следнава недела на сесијата на Комитетот за светско наследство во Баку, по прашањето за нацрт-извештајот на УНЕСКО во кој се вели дека Охридскиот Регион треба да се стави на листа на загрозени светски наследства. Но, ситуацијата не е црно-бела.

Ова го вели м-р Зоран Павлов, раководител на секторот за меѓународна соработка, документација и дигитализација на културното наследство при Управата за заштита на културното наследство (УЗКН) и претседател на Комисијата за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион.

Тој ќе присуствува и на сесијата на Комитетот во Баку, Азербејџан, која започнува в недела на 30 јуни и ќе трае до 10 јули. Како што е веќе познато, меѓу другите точки од агендата, таму ќе се дискутира и за нацрт-извештајот на УНЕСКО каде што се препорачува Охридскиот Регион да биде ставен на Листата на светско наследство во опасност. УНЕСКО има бројни забелешки и на државата ѝ порачува дека нив треба да ги елиминира, со цел зачувување на исклучителните универзални вредности на природното и културното наследство во Охридскиот Регион.

Павлов е добар познавач на состојбите и културното наследство во Охридскиот Регион, како и на процедурите на УНЕСКО во однос на овие прашања. Тој вели дека за нацрт-одлуката треба да се изјаснат 21 земја членка на Комитетот кои ќе дебатираат за нацрт-извештајот. Дебатите во принцип се непредвидливи, тие понекогаш траат и подолго од очекуваното пред да се донесат конечните одлуки.

-Во Баку ќе се дискутира за повеќе локалитети кои се светско наследство, меѓу нив и за Охридскиот Регион. Доколку се одлучи да се впише Охридскиот Регион на Листата на локалитети во опасност, УНЕСКО дава одреден период за државата да ги реализира дадените препораки. Овој период зависи од повеќе фактори, но може да биде една година или повеќе. Но, доколку Охридскиот Регион не биде впишан на Листата на светско наследство во опасност, тоа не значи дека ние сме ја завршиле работата. Напротив, и понатаму треба да работиме на тоа што ни го укажува УНЕСКО – вели Павлов.

Тој објаснува дека УНЕСКО е како еден вид чадор кој го штити светското културно и природно наследство и заедно со своите советодавни тела (ИКОМОС, ИУЦН и ИКРОМ) им помага на земјите потписнички на Конвенцијата за светско наследство да си ги зачуваат таквите вредности.

-Но, состојбата во која се најде природното и културното наследство на Охридскиот Регион не значи дека државата не сработела ништо во корист на зачувување на овие исклучителни вредности, па сепак тоа не е доволно, едноставно можеби треба да ги забрзаме постапките за совладување на проблемите со кои се соочуваме. Од друга страна, треба да сфатиме дека УНЕСКО на овој начин ни укажува колку богато наследство имаме, а ние самите треба да го чуваме и да го пренесеме на идните генерации. Одговорноста е на сите и сите треба да вложиме напори да ги сочуваме исклучителните универзални вредности на природното и културното наследство на Охридскиот Регион. УНЕСКО е тука да ни даде поддршка, меѓународна помош и потребна експертиза – коментира тој.

Конференцијата во Баку, Азербејџан започнува в недела на 30 јуни и ќе трае до 10 јули. За состојбата со заштитата на природното и културното наследство на Охридскиот Регион се очекува Комитетот да дебатира на 3 или 4 јули, во зависност од обемноста на дискусиите на претходните точки на дневниот ред.

Ивана Настеска