Не запира зголемувањето на хоспитализирани пациенти од корона


Фото: Б. Грданоски

 

Денешната статистика на деветмина починати пациенти од корона вирусот треба да го крене знакот за тревога кај здравствените власти, затоа што без оглед на постојаното намалување на бројката на активно заболени несразмерно расте една друга бројка – онаа на умрените. Јавноста некако се навикна дека бројката на новозаболени нема така лесно да падне, но умирањата веќе сериозно загрижуваат.

Со денешните деветмина починати бројот на жртвите се искачи на 661. Епидемиолозите, инфектолозите и министерот за здравство во многу наврати предупредуваа дека доцното јавување на лекар и првичното игнорирање на симптомите е една од причините за зголемениот морталитет – едноставно кажано, оние што се посериозно зафатени од болеста доаѓаат во болница кога за многумина е веќе предоцна. Очигледно, здравствените власти треба да започнат уште една кампања за да влијаат врз граѓаните за побрзо јавување на заболените кај матичните лекари и во болниците.

Само една споредба со бројките од денеска со Србија, Хрватска и Албанија, на пример, покажува колку процентуално е поголема смртноста во Македонија. Во Хрватска денес имаше 151 нов случај и тројца починати; во Србија 74 позитивни и двајца починати, а во Албанија 152 новозаболени и двајца починати. Кај нас од имаше 98 новозаболени и дветмина починати. Во Србија во изминативе 24 часа биле тестирани 7.709 лица а бројот на позитивни од нив е под еден отсто. Ситуацијата е драматична во Босна и Херцеговина, каде денеска имаше 294 новозаболени и 20 починати.

Дали поради летните одмори и исполнетите летовалишта крај езерата, дали поради враќањето на многу наши иселеници во последниве два месеци во родните градови, дали поради драматичното намалување на личните мерки за заштита и неодговорните забави по многу локали, но бројката на новозаболени никако значително да падне, иако во исто време се зголемува и бројот на оздравени. Тоа е знак, како што истакнуваат повеќе епидемиолози, дека вирулетнтоста на вирусот е намалена, но бројот на починати тврдоглаво го тврди спротивното.

Последниве денови расте и бројот на хоспитализираните лица – денеска тој изнесува 342, а на 3 септември беше 293. Со големиот број оздравени, бројката на активни случаи изнесува 1.846 (што е далеку помалку од Босна и Херцеговина – 6.503, нешто помалку од Хрватска, каде има 2.107, многу помалку од Албанија – 4.664, но далеку повеќе од Србија со 463, иако таму пред две недели имаше драматично зголемување на случаите). Ако добра вест е сериозното намалување на активно заболените во Скопје, денес има 540, тогаш лоша вест е бројката на новозаболени и активни случаи насекаде во Македонија. Ако вака продолжи Македонија ќе ја пречека сезоната на грипот со релативно стабилна слика, но со стапка на хоспитализации и починати на горното ниво на скалата. (Н.В.)