Не стивнуваат протестите против Путин на рускиот далечен исток


Четврти викенд по ред демонстрираат жителите на Хабаровск (Фото: Ројтерс)

ХАБАРОВСК – Илјадници луѓе маршираа во рускиот град на далечниот исток Хабаровск во саботата во четврт последователен викенд во знак на протест против претседателот Владимир Путин во справувањето со локалната политичка криза.

Жителите на Хабаровск, кој е оддалечен 6.110 км и седум временски зони источно од Москва, не се задоволни од притворот на 9 јули на Сергеј Фургал, популарен гувернер на поширокиот регион, кој беше уапсен под обвиненија за убиство што тој ги негира.

Неговиот притвор, за кој неговите приврзаници велат дека бил политички мотивиран, предизвика неколку недели улични протести, создавајќи главоболка за Кремљ, кој се обидува да се справи со остар пад на реалните приходи како резултат на појавата на корона вирусот и да ги задржи под контрола немирите откако економијата се тетерави.

Заштитувајќи се со чадори од спорадичниот дожд демонстрантите извикуваа „Слобода!“

На еден транспарент пишуваше „Русија без Путин“, а демонстрантите извикуваа „Путин да поднесе оставка!“ пред зграда на Владата.

Градските власти проценуваат дека на маршот учествувале околу 3.500 луѓе. Некои локални медиуми пишуваа дека бројот на луѓето бил над 10.000, но дека толпата е помала од претходните недели.

Протестите го истакнаа гневот кај некои од далечниот исток поради, како што сметаат, политиките што произлегуваат од одвоените московски власти кои со години ги запоставуваа.

„Владата не мисли на нас како луѓе, ние им се лутиме“, рече една пензионерка за Ројтерс. „Живееме на работ на светот. Ова е најбогата земја… но живееме во сиромаштија и ние пензионерите треба да работиме“.

Поддржувачите на Фургал, кој е член на националистичката партија ЛДПР, велат дека тој е казнет за поразот на кандидатот од владејачката про-Путиновска партија Единствена Русија во 2018 година. Кремљ вели дека Фургал треба да одговори на сериозни обвиненија. (Ројтерс)