Не се знае колку чекаат да се вратат дома – авионска карта сами си плаќаат


Се уште нема точна бројка колку граѓани на Македонија што епидемијата ги затекна во странство бараат и чекаат да се вратат дома.

Иако рокот за нивно пријавување беше вчера до 18 часот, Министерството за надворешни работи се уште ги анализира пријавите до дипломатските преставништва. Неофицијално околу 225 македонски граѓани од Хрватска чекаат да бидат донесени во Македонија, а вчера во земјата стигнала втора тура од седум граѓани од Истанбул. Голем број од нив не сакаат во карантин и се откажуваат откако ќе се пријават, а на Деве Баир било забележано дека некои се симнуваат пред границата и сакаат да минат пеш.

Во карантин инаку во моментов се околу 230 лица во Скопје и во Демир Капија. Веѓе е известено дека 59 се сместени во Хотелот „Ибис“, а каде се другите не се соопштува.

Од владини извори се тврди дека исклучоци од ставањето во карантин нема, но бројките на тие што влегуваат и што се изолираат никако да се соопштат целосно. Притоа,  забележано е големо непочитување на мерката за самоизолација.

Хуманитарните летови се организираат сокомпанијата  „Визер“, а граѓаните сами ќе си ја платат картата, додека државата го плаќа карантинот. (С.Ј.)